Активности

Вторник, 17 јули 2018 година

Дваесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 28. седница, како матично работно тело го разгледа Предлогот на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.       

Воведно образложение по Предлог-завршната сметка даде министерот за финансии, Драган Тевдовски. Тој истакна дека Буџетот на Република Македонија за 2017 година, којшто беше донесен од претходната Влада, претрпе измени со Ребалансот на Буџетот донесен од страна на новата Влада во август 2017 година. 

Со Ребалансот се скратени средствата за реклами, патни трошоци, репрезентација, материјали, ситен инвентар и други помалку продуктивни трошоци. Заштедените средства од овие намени се искористиле за зголемување на минималната плата на работниците, за надоместоци за стечајните работници, за поддршка на малите и средни претпријатија и за активни мерки за вработување. 

Во изминатата година биле направени клучни промени во фискалниот систем, со што јавноста добила значително поголем пристап за начинот на трошење на јавните средства и на тој начин се зголемила транспарентноста, што било нотирано и во заклучокот од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ. 

Во првото полугодие бил забележан пад на економската активност од -0,7%, за да на крајот од годината растот на БДП изнесува 0%. Потрошувачката забележала раст од 2%, при што личната потрошувачка раст од 2,9%, додека јавната потрошувачка пад од 1,5%. Извозот на стоки забележал раст од 9,2% во споредба со 2016 година, придружен со раст на производите со дополнителна додадена вредност, додека пак увозот на стоки и услуги забележа раст од 7,3%. 

Во текот на 2017 година продолжиле поволните движења на пазарот на трудот, при што бројот на вработени се зголемил за 2,4% во споредба со 2016 година, а стапката на невработеност достигнала ниво од 22,4%. Просечната бруто плата во 2017 година има забележано раст од 2,6% на номинална основа. 

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија во 2017 година се реализирале на ниво од 97,3% во однос на планираните со Буџетот за 2017 година, додека во однос на 2016 година за 6,1% повисок износ во однос на 2016 година. 

Во рамките на вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија, 157.537 милиони денари биле остварени по основ на даночни приходи и социјални придонеси, односно 87,7% од вкупните приходи, додека неданочните приходи учествуваат со 7,5%, донациите со 4,1%, а капиталните приходи со 0,7%. 

Вкупните буџетски расходи се оствариле во износ од 176.698 милиони денари, односно пониска реализација од 1,8% во однос на планот, како резултат на строгата контрола на трошењето на овој вид на расходи, без притоа да се нарушело редовното покривање на сите обврски на државата и непречено остварување на функциите и активностите на буџетските корисници. 

Како што истакна министерот Тевдовски, капиталните расходи биле реализирани на историско највисоко ниво во износ од 19.863 милиони денари, односно 85% во однос на планот и се за 2.890 милиони денари повисоки во однос на реализацијата во 2016 година. 

Во текот на 2017 година бил остварен буџетски дефицит во износ од 16.855 милиони денари, односно 2,7% од БДП. Финансирањето на буџетскиот дефицит и сервисирањето на домашните и странските долгови се вршеше преку користење на депозити кои се обезбедиле од издадената еврообврзница во 2016 година и преку домашни и странски задолжувања.  

Во расправата учествуваа пратениците: Лилјана Кузмановска, Драган Цуклев, Зоран Илиоски, Горан Милевски и Мира Стојчевска, кои дадоа свои мислења, забелешки и поставија прашања.

Комисијата за финансирање и буџет со осум гласа „за“ и два „против“ заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе Завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Click