Активности

Петок, 5 јули 2019 година

Дваесет и прва седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Северна Македонија, на 21. Седница, одржана на 2 јули 2019 година, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Северна Македонија, присуствуваше Благе Цветковиќ, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Во дискусијата по Предлог-законот учествуваа пратениците: Панчо Минов, Љупчо Димовски, Никола Мицевски, Татјана Прентовиќ и Диме Велковски.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, истакна дека предложеното законско решение има повеќе негативни решенија, предизвикува фискални импликации по Буџетот на државата, а содржи и неразбирливи одредби. Во овој контекст, пратеникот Мицевски информира дека со предложеното законско решение се менуваат 36 члена од вкупно 71 член на основниот закон, што е повеќе од 50% и ја нагласи потребата од донесување на ново законско решение во консултација со сите засегнати страни.

Од своја страна, пратеникот Минов истакна дека Законот за земјоделското земјиште е еден од најзначајните закони од областа на земјоделството, пратеничката Прентовиќ рече дека предложеното законско решение е носечки закон за регулирање на земјоделското земјиште и земјоделските политики, додека пратеникот Велковски посочи дека постои можност да се интервенира амандмански со цел да се подобри текстот во интерес на земјоделците.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, со 7 гласа „за“ и 2 гласа „против“ го усвои следниот заклучок:

  • Kомисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште (прво читање) и оцени дека Предлогот на  законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click