Активности

Среда, 30 јануари 2019 година

Дваесет и шеста седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на денешната 26. седница, како матично работно тело, го разгледа Предлогот на законот за изменување Законот за трговија на зелени пазари, поднесен од пратениците Ејуп Аљими, Александар Кирацовски, Горан Милевски, Илија Николовски, Жаклина Лазаревска, Чедомир Саздовски, Јулиана Николова, Татијана Лалчевска, Лидија Тасевска, Ирена Стефоска, Зеќир Рамчиловиќ, Диме Велковски и Анета Симеска Димоска (по скратена постапка).

Воведно образложение по Предлог-законот даде претставникот на предлагачите, пратеникот Ејуп Аљими.  Тој истакна дека од досегашната примена на Законот се увиде потребата од пролонгирање на некои од одредбите на Законот да стапат во сила. Со предложениот закон се утврдуваат правата на трговците на зелените пазари со цел да се подобрат нивните услови за работа и да се воведе ред во работењето на зелените пазари. Трговците на зелените пазари треба да бидат заштитени и од честите трговски инспекции од страна на инспекторите кои понекогаш се без основа и правна оправданост. Станува збор за ранлива категорија на граѓани и постои потреба да им се обезбедат услови за да можат да обезбедат животна егзистенција. Се проценува дека околу 20.000 до 25.000 семејства егзистираат од оваа дејност.

Измените се предлагаат поради недоволна подготвеност и информираност на трговците за обврските кои за нив ги произведува актуелното законско решение и на подзаконските акти. Имајќи предвид дека подзаконските акти за неговото спроведување беа донесени со задоцнување, односно беа донесени во рок од 8 месеци по влегувањето на Законот во сила, наместо во рок од три месеци како што беше предвидено во преодните и завршните одредби, субјектите на кои се однесува актуелниот закон немаат доволно временски период да ги осознаат и да го усогласат своето работење согласно истиот. Оттука се јавува потребата од одлагање на примената на Законот во разумен рок, во кој рок засегнатите страни ќе ја усогласат својаата дејност со Законот и подзаконските акти.

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, на Предлогот на законот не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.

Во претресот учествуваа пратениците: Љупчо Димовски, Јован Митревски, Никола Мицевски, Анета Симеска Димоска и Драган Цуклев.

Комисијата за економски прашања го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија.

 

Click