Активности

Вторник, 6 ноември 2018 година

Формирана „Интерпартиска парламентарна група за помирување и интеграција“

На денешната координација на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери со потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии кои не се организирани во пратенички групи, со консензус од присутните се донесе заклучок за формирање „Интерпартиска парламентарна група за помирување и интеграција“.

Иницијативата ја поднесе независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Подобра Македонија“. Одлучено е Фросина Ташевска Ременски од СДСМ и Емилија Александрова од новата пратеничка група независна од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, бидат копретседавачи на групата. Определен е форматот на телото, во него ќе учествуваат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, по тројца претставници од најбројните пратенички групи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и претставници на политичките партии кои не се организирани во пратенички групи.

На денешната координација, како и досега, не учествуваше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ а состанокот, пред да биде формирана групата, го напушти Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците, иако тој е дел од оваа група. Методологијата на работа и содржината ќе се договара на првиот состанок на Интерпартиската парламентарна група за помирување и интеграција.

Присутните на координацијата се согласија дека формирањето на ваква група во овој момент е неопходно, а ако се покажат позитивни ефекти тоа може да биде добра пракса и за во иднина.

Click