Активности

Вторник, 29 јануари 2019

Генералниот секретар, Иванова на редовен состанок на генерални секретари во Виена

Генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, Цветанка Иванова, учествуваше на редовниот состанок на генерални секретари на парламентите на земјите-членки на Европската унија и на земјите-кандидати, што се одржа вчера во Виена, Република Австрија. 

Состанокот започна со средбата на генералните секретари на Тројката (австриското, романското и финското претседателство и Европскиот парламент), а официјално го отворија Волфганг Соботка, претседател на Националниот совет на Република Австрија и Харалд Доси, генерален секретар на австрискиот парламент. На првата сесија се презентираше Предлог-програмата за Конференцијата на спикери на парламенти на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати, што ќе се одржи на 8 и 9 април 2019 во Виена. Конференцијата ќе има две сесии, посветени на "Европската унија и соседите" и на "Идната Европска унија после изборите за Европскиот парламент, натамошен развој на соработката меѓу националните парламенти и европските институции". 

Во рамките на оваа сесија беше презентирана Програмата и активностите на Романското претседавање со Советот на Европската унија од страна на генералните секретари на Романскиот претставнички дом и на Сенатот. Генералниот секретар на Европскиот парламент, Клаус Веле имаше презентација во контекст на Европските избори (23-26 мај 2019) и активностите на Европскиот парламент во овој период.

Втората сесија беше посветена на активностите на IPEX (Мрежа за Интер-парламентарна размена на податоци), при што беше разгледан Извештајот за 2018 година, а беа усвоени Заклучоци за активностите во рамки на тригодишната Програма за работа. Како новина во работењето на оваа институција се воведува парламентарен службеник за информирање, за чие седиште на работа и логистика по своја заложба го обезбедува белгискиот Сенат. Следејќи ги новите трендови на информирање-социјалните мрежи и нивното влијание, генералните секретари ја поздравија иницијативата да се покрене дебата за иднината на IPEX во корелација со социјалните мрежи, на која континуирано ќе се дебатираат различните мислења и преку инклузивен пристап ќе се адаптираат тековните активности кон новите предизвици. 

Трета сесија „Отворени парламенти – можности и лимити“ беше посветена на дебатата за тоа колку реалната отвореност на парламентите за јавноста носи високи безбедносни ризици и предизвици, а како пример беа посочени терористичките акти пред Британскиот парламент пред две години и во холандскиот парламент минатата година.

На маргините на состанокот, Иванова се сретна со домаќинот, Харалд Доси, генерален секретар на австрискиот парламент, при што разговараа за натамошна разработка на Меморандумот за поблиска соработка меѓу службите на двата парламента, инициран при посетата на Република Македонија на австрискиот претседател на парламент минатата година.  Доси информираше дека Фондот за Западен Балкан, кој е имплементатор на проектот, ќе започне со неговата имплементација веќе од наредниот месец. Проектот е наменет за парламентарните службеници од земјите на Западен Балкан и ќе придонесе за стекнување на нови вештини и искуства во процесот на пристапување кон ЕУ и преговарачкиот процес.

Разговарајќи со Сер Дејвид Нацлер, генерален секретар на Претставничкиот дом на Британскиот парламент, за придобивките за Собранието на Република Македонија од проектите на Вилтон парк и на Вестминстер фондацијата, Иванова се заблагодари за несмаленото внимание и континуираната поддршка на Британскиот парламент во градењето на конструктивни и силни политичари и ефикасна собраниска администрација. Притоа, особено се осврна на Проектот за отворање на независна буџетска канцеларија во Собранието, по примерот на српскиот и шкотскиот парламент, со што ќе се овозможи буџетска контрола и парламентарен финансиски надзор, а понатаму ќе се работи и на фискалната автономија на Собранието.

Иванова оствари повеќе неформални средби и со своите колеги од Хрватска, Црна Гора, Србија, Словенија и Бугарија, при што размени мислења за можностите за заемна помош околу подобрувањето и унапредувањето на парламентарните практики, квалитетот во работењето на службите, прилагодувањето кон потребите кои произлегуваат во пристапниот процес кон Европската унија, улогата на парламентот и службите во овој процес, како и за можностите за размена на искуствата преку тренинзи, обуки и работилници.  





Click