Активности

Понеделник, 5 ноември 2018 година

Граѓанското општество најбитно за развој на демократијата

Денеска, претседателот на Комисијата за надворешна политика, Антонијо Милошоски и членовите, во Собранието на Република Македонија остварија средба со претседателот на Националниот совет на Република Австрија, Волфганг Соботка, кој е во официјална посета на Македонија.

Претседателот Милошоски, во овие клучни моменти за Македонија, изрази благодарност за континуираната поддршка што Австрија ѝ ја дава на Македонија во процесот на европските интеграции. Тој истакна и дека исклучително важно и поволно е претседавањето на Австрија со Советот на Европската Унија во втората половина од годинава.

Собранието има формирано Пратеничка група за соработка со Националниот совет на Република Австрија што ја покажува посветеноста, преку постојаната билатерална парламентарна соработка и размена на искуства да ги зацвртиме пријателските врски меѓу граѓаните на двете држави.

Со цел унапредување на односите и интензивирање на соработката, Соботка предложи потпишување на Меморандум за разбирање, како основа за стручна соработка помеѓу службите на Собранието и Националниот совет на Република Австрија.

Соботка ги поздрави досегашните чекори кои Македонија ги има направено за добивање датум за отпочнување на преговорите, воедно посочи дека за развој на демократијата најбитно е граѓанското општество.

Присутните членови го информираа гостинот за активностите во Собранието и последните случувања на политичката сцена, исто така соговорниците разменија мислења и искуства по прашањата за јакнење на независноста на судството, Преспанскиот дговор и потребата од уставните измени, исходот од неодамнешниот референдум, изборните резултати, улогата на опозицијата, кодексот за однесување на пратениците, временската предвидливост за отпочнување на преговорите со Унијата, како и вклученоста на граѓанското општество.

Беше истакнато дека Австрија континуирано и отворено го поддржува процесот на проширување на Унијата и вклучување на земјите од Западен Балкан и за отпочнување на пристапните преговори со Македонија.

Click