Активности

Вторник, 26 февруари 2019 година 

Груби-Лоазо: Брисел е наша заедничка дестинација

Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата, имаа работна средба  со министерката за европски прашања при Министерството за Европа и за Надворешни работи на Република Франција, Натали Лоазо.

Груби, истакна дека е значајна посетата на министерката Лоазо, како и на нејзината придружба, сенаторката и претседател на групата за пријателство Франција-Западен Балкан, Марта де Сидрак,  пратеникот и претседател на групата за пријателство Франција-Северна Македонија, Бертран Сор,и на заменик-директорот за континентална Европа при Министерството за Европа и надворешни работи, Бујан де Лакост, за што сведочи и присуството на   опозицијата. Груби се заблагодари за досегашната француска поддршка на  евроинтегративните процеси на земјата, 

По повод различните ставови помеѓу опозицијата и власта, Груби истакна дека сите ние дишеме ист воздух, не грее исто сонце, имаме различни убедувања и гледишта, но заедничка ни е целта, Европска Македонија. 

За актуелните случувања во земјата посочи дека се во рамките на милјето на  претстојните  претседателски избори во  април, и дека  државата  одлучно чекори кон членство во ЕУ и НАТО,зад кое несомнено стојат сите политички партии. Поради тоа, истакна  Груби, за нас е особено  важно  да не поддржи Франција,имајќи го во предвид нејзиното место и влијание во евроатлантските структури.

Министерката Лоазо ја повтори европската перспектива на регионот и во тој контекст и на Северна Македонија, но, со укажување дека  е потребно  исполнување на сите критериуми  во поглавјата. Таа ја потврди француската поддршка за  нашите евроинтегративни процеси, при што посочи дека треба да се има во предвид и можноста Унијата да се реформира во поглед на нејзиното функционирање, пред следното проширување со нови земји членки. Во однос на сегашната состојба во Европската Унија, порача дека европските избори, во мај, ќе бидат одлучувачки за нејзината  иднина. 

На средбата свои обраќања имаа  пратениците:  Антонио Милошоски, Лидија Тасевска и Сашо Василевски, во кои заедничка беше констатацијата дека Северна Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во јунската сесија на Советот, бидејќи посветено работи на ЕУ  реформите во правосудството и владеењето на правото.Сега,кога е надминат долгогодишниот спор за името со Грција, со ратификацијата на  Преспанскиот договор,и со потпишувањето на  Договорот за соработка со Бугарија, земјата треба да добие  валоризација за  успешно завршените задачи. 

Click