Активности

Вторник, 17 јули 2018 година

ЈОХАНЕС ХАН ДО ПРАТЕНИЦИТЕ: ВИЕ ИМАТЕ СРЕДБА СО ИСТОРИЈАТА, НЕМА ВРЕМЕ ЗА ГУБЕЊЕ

На третата седница на Националниот совет за евроинтеграции свое обраќање имаше Јоханес Хан, комесар за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија. 

На седницата присуствуваа претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Македонија Самуел Жбогар и европратеникот и известител за Република Македонија во Европскиот парламент Иво Вајгл. На седницата присуствуваа претседателите и членовите на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ и ЕУ, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, амбасадори на земјите членки на ЕУ и медиумите. 

Еврокомесарот Јоханес Хан изрази задоволство за можноста да се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции имајќи предвид дека граѓанското општество и бизнис заедницата се од круцијално значење за формирање на јавното мислење во земјата и истите претставуваат клучни играчи за евроинтеграцискиот процес. Тој ги повика сите да учествуваат на престојниот Референдум, а особено младите луѓе, бидејќи посочи дека секој глас е важен.

Вие рече, имате средба со историјата, нема време за губење. Комесарот Хан истакна дека постигнатите историски договори со Република Бугарија и Република Грција создадоа позитивен моментум на европската страна и со истите Република Македонија покажа посветеност и одлучност да се надминат билатералните спорови. Европската комисија, укажа Хан, во Стратегијата за Западен Балкан утврди критериум да не прифаќа нови земји членки без решение на билатералните спорови, а Република Македонија во таа насока покажа позитивен пример за регионот во делот на зајакнување на добрососедските односи. Комесарот Хан посочи дека Советот за општи работи на ЕУ ја отвори патеката за отворање на пристапните преговори за јуни 2019 година и во таа насока Европската комисија ја има задачата да започне со подговителните активности. Во обраќањето Комесарот Хан потенцираше дека важно е да се продолжи со имплементација на Пржинскиот договор и Итните реформски приоритети. Изрази задоволство што Република Македонија испорача резулати на евроинтеграцискиот план а сега на потег е Европската унија. Скрининг процесот преставува темелна активност на Европската комисија и со истиот се подготвува државата за почеток на преговорите, ќе овозможи државата да се запознае подобро со европското законодавство и во исто време Европската комисија да го оцени нивото на подготвеност за обврските за членство, особено во поглавјата 23 и 24. Комесарот Хан оцени дека Националниот совет за евроинтеграции играше важна улога во процесот на пристапување и во други држави, па очекува и во Република Македонија, Националниот совет и во наредните месеци да има круцијална улога. Советот особено е важно да демонстрира инклузивност и да работи на стратешките приоритети на земјата. Во Советот постои единствена можност да се обединат различните сили во општеството и да се направи разлика на подобро. Комесарот Хан апелираше до сите чинители да бидат концентрирани и обединети кон постигнување на европската цел и да се даде приоритет на клучните области. Порача дека Европската комисија ќе продолжи да помага во сите области особено за реформите во правсудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, реформата на безбедносните и разузнавачките структури како и на јавна администрација. Укажа дека дел од овие реформи се комплементарни со реформите потребни за зачленување во НАТО и упати искрени честитки за поканата која Република Макеодонија ја доби за членство во НАТО Алијансата. Во однос на предвидениот референдум, комесарот Хан потенцираше дека истиот ќе биде особено важен за иднината на Република Македонија и ги повика граѓаните да го остварат своето демократско право бидејќи не треба да се потцени ниту еден глас за крајниот исход од референдумот. 

Известителот во Европскиот парламент за Република Македонија Иво Вајгл во обраќањето ја потенцираше историската шанса за Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Истакна дека нема да има втора шанса да се решат отворените прашања кои го оптоваруваа процесот за Република Македонија. Го поздрави компромисот како клуч за парламентаризам кој го постигнаа владите на Република Македонија и на Грција изразен преку постигнатиот договор. Европратеникот Вајгл апелираше до пратениците да работат заеднички во име на националните интереси на земјата, надминувајќи ги партиските интереси. Го истакна доброто искуство со процесот „Дијалог Жан Моне“, кој покажал дека има интерес пратениците да работат заедно, како основа за добар прогрес кој треба да продолжи.

Според претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски, Република  Македонија требаше да го почне скринингот уште во 2005 година, откако стана кандидат за членство во ЕУ. Тој појасни дека скринингот е дијагноза, односно согледување на тоа колку македонското законодавство е усогласено со законодавството на ЕУ и дали има институции кои можат да ги применат тие закони. Според него, Македонија има одлични закони, но кубури со институциите. Попоски смета дека потребна е промена на менталитетот „имаме мнозинство правиме што сакаме“. Главен аргумент кој го користи власта е дека и претходните правеле така. Тој смета дека имаме привилегија да ја зацврстиме Македонија и да и помогнеме да го смени менталниот склоп. Тоа треба да заврши, а одговорноста ја носат и власта и опозицијата. Во своето обраќање.Попоски истакна дека е потребно во наредните шест месеци наместо да се печатат закони кои ќе бидат позитивно оценети од  експерти, власта и опозицијата да се посветат, обединат и да направат домашен,  македонски скриниг на капацитетот на институциите. Според Попоски од една страна пред еврокомесарот Хан се демонстрира желба за обединетост околу стратешките приоритети, а од друга страна откако ќе си замине еврокомесарот од Македонија, ќе се одржи Собраниска седница на која ќе се продолжи да се прекршуваат процедурите.

Потпретседателката на Националниот Совет за евроинтеграции Ивана Туфегџиќ, во обраќањето истакна дека  одговорноста е кај сите политички чинители и затоа треба сите да внимаваат што зборуваат, бидејќи, посочи, од ширење омраза стигнавме на работ на бездната пред една година. Во Собранието, по 27 април направени се сериозни чекори за надградување на дијалогот. Туфегџиќ рече дека темелниот скрининг процес претставува клучен момент за отпочнување на преговорите на Република Македонија со ЕУ. Од страна на сите политички актери направен е дополнителен напор во унапредувањето на дијалогот не само во однос на реформските пакети туку и на други области од големо значење на граѓаните, вклучително и прашањата за правата на жените, младите и маргинализираните групи. Сериозен исчекор напред во унапредување на човековите права е направен со формирањето на клубовите за млади, ромите и ЛГБТИ заедницата, истакна Туфегџиќ. Формирањето на интерпартиските парламентарни групи претставува пример за тоа како во Собранието може да се изгради конзензус за значајни прашања кој понатаму може да послужи и во реформскиот процес, особено во вклучувањето на граѓанското општество како надворешен партнер.

Во обраќањето Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, ја истакна конструктивната улога на Собранието и неговите работни тела посебно во клучните моменти во процесот на реформите, што впрочем така и треба да се случува бидејќи пристапните преговори неможе да се реализираат успешно без конструктивно Собрание со целосно подготвени капацитети за следење на темпото на преговорите. По добиените покани за членство во ЕУ и во НАТО имаме една година пред нас за да покажеме дека го заслужуваме местото во евроатланското семејство, да покажеме обединетост и на генерациите да им оставиме држава со европски вредности. 

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи порача дека ова е време на големи стратешки одлуки и дека нема веќе време за губење, секој и опозицијата и мнозинството треба да се изјаснат на која страна се. Ова, рече, е време на големи одлуки, кои треба секој да ги донесе, бидејќи се работи за иднината на децата и внуците. Државата ја очекува голема работа и затоа е потребно е да се обезбеди синергија од сите општествени чинители. Во оваа насока Националниот совет за евроинтеграции може да придонесе за поуспешни чекори во следниот процес на евроинтеграција бидејќи процесот е заеднички.

На седницата свои обраќања и дискусија имаа Артан Груби претседател на Комисијата за европски прашања и член на Советот, Горан Милевски претседател на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ-РМ, Фадил Зендели пратеник и заменик член на Националниот совет за евроинтеграции, Мерал Узеири Ферати, пратеник и заменик-член на Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, Савка Тодоровска претставник од Граѓанската платформа на Македонија Данела Арсовска од Сојузот на стопанските комори на Македонија, Насер Селмани од Здружението на новинари на Македонија и Иванка Василевска од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Во крајот на седницата Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската комисија Јоханес Хан, даде заклучни согледувања и одговори на прашања кои беа покренати во текот на дебатата на Националниот совет. Комесарот Хан се заблагодари на дебатата и истата ја оцени како доста интересна и даден добар впечаток за различни мислења во државата. Тој најави дека во средината на септември повторно ќе ја посети државата по повод настанот "Медиумски денови на Западен Балкан" што годинава ќе се одржи во Скопје. Овој настан ќе се осврне на предизвиците со кои се соочуваат европските земји, меѓу кои и на прашањето за јавниот радио-дифузен сервис кој е проблем во многу држави, не само во регионот. Во однос на претстојниот референдум, многу е важно истиот да обезбеди секој да го даде својот придонес врз основа на сопственото лично убедување. Референдумот не треба да биде заложник на политиката, и во оваа насока граѓанското општество треба да помогне да се обезбеди непристрасност во референдумот. Скрининг процесот како и процесот на преговори дава огромна можност да се променат нештата, да се зајакне демократијата, да се разбере потребата од постигнување на компромис. Комесарот Хан упати порака до организациите на граѓанското општество повеќе да се фокусираат на руралните области во државата бидејќи општеството не е само главниот град на државата. Потребна е голема посветеност на владеење на правото, почитување на Уставот од сите подеднакво и во овој контекст Комесарот Хан очекува дека преговорите може да дадат придонес кон зголемена посветеност и конкретна примена на начелата на владеење на правото. Доколку се постигне напредок и се материјализира се она што се очекува, би било реално да се каже дека за десет години Република Македонија би можела да стане членка на ЕУ.

 стенографски белешки             записник

Click