Активности

Четврток, 19 април 2018 година

Комисијата за европски прашања во официјална посета на Софија

Делегацијата на Комисијата за европски прашања, предводена од претседателот на Комисијата на Собранието на Република Македонија,  г.  Артан Груби, заедно со членовите на Комисијата, г-ѓа Јулиана Николова, г-ѓа Татјана Прентовиќ и г. Трајчо Димков во рамките на официјалната посета на Република Бугарија, денеска остварија средба со заменик претседателот на владата и министерка за надворешни работи на Република Бугарија, г-ѓа Екатерина Захариева. 

Госпоѓата Захариева констатираше дека чекорите што двете земји ги преземаа со потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка како историски чин, внесуваат нов дух на отворени и пријателски односи, засновани на европските вредности. Истакна дека денешната официјална посета на Република Бугарија ја гледа како заедничка определба на двете држави, уште повеќе да ја зајакнат комуникацијата, соработката и пријателството и ќе дадат дополнителни позитивни ефекти во развојот на односите меѓу двете држави. 

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Груби посочи дека во Софија доаѓа со очекувани и заслужени убави вести од Брисел за Македонија, непосредно по добивањето на чиста препорака за отпочнување на преговори со Европската унија. Во тој контекст, Груби додаде дека добивањето на чиста препорака, претставува потврда за храбро сработеното, потврда дека реформската влада и новото парламентарно мнозинство ја вратија земјата на евроатланскиот пат, потврда дека Република Македонија е успешна приказна.

Груби до Захариева изрази благодарност за превземената иницијатива и демонстрираната заложба на Република Бугарија, како прв и непосреден сосед на Република Македонија, директно да ги помогне европските и евроатланските интегративни процеси, кои претставуваат наш, највисок приоритет, оценувајќи дека заедно ќе ја направиме 2018 година историска и извонредна година за Република Македонија, за регионот и за ЕУ.

Делегацијата имаше срдечна, пријателска и многу отворена средба со своите домаќини, со членовите на Комисијата за европски прашања и контрола над европските фондови, предводена од г. Кристијан Вигенин. На средбата беа разменети идеи, мислења и најдобри пракси и  уште еднаш беше потврдено дека интеграцијата и напредокот на земјите од Западен Балкан се во фокусот на приоритетите на Република Бугарија.

Пратениците од Комисијата на Народното собрание на Република Бугарија ја искажаа својата готовност со конкретни чекори  да отпочнат соработка со својата партнерска Комисија за европски прашања во Собранието на Република Македонија и да и помогнат во градењето на институционалната  рамка пред отпочнувањето на процесот на преговори за членство во Европската унија, врз основа на научени лекции од Република Бугарија. 

Делегацијата во рамките на офцијалната посета на Република Бугарија се сретна и со Групата за пријателство Бугарија-Македонија во Народното собрание на Република Бугарија, на чие чело се наоѓа г. Борис Ванѓелов. Пратениците беа согласни дека испраќањето на јасни сигнали на добра соработка меѓу двете држави  ќе покаже дека нашата стратешка цел е да споделуваме заеднички вредности во НАТО и Европската Унија.  Тие беа согласни дека конструктивната соработка со опозицијата и градењето консензус за клучните прашања останува неопходна за успешен евроинтегративен процес и градење на одржлива иднина за земјата.

Беше остварена средба и со потпретседателот на Народното собрание на Република Бугарија, г-дин Емил Христов и г-ѓа Џема Грозданова, претседател на Комисијата за надворешна политика. На состанокот преовладуваше ставот дека треба да се градат нови мостови на пријателство и соработка на сите нивоа меѓу двете држави и меѓу двата парламента како и дека активностите треба да бележат на интензитет и да се динамизираат во иднина.    

Официјалната посета на Делегацијата на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија беше заокружена со средбата со  министерката за бугарското претседателство со Советот на ЕУ, г-ѓата Лилиана Павлова. Од нејзина страна беше подвлечено дека клучниот приоритет на Бугарското претседателство е политиката на проширувањето на ЕУ, која и понатаму останува најефикасен инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во регионот. Изрази честитки до Република Македонија за добиената препорака за отпочнување на преговори со ЕУ како валоризација на досега сработеното во земјата.

Пратениците искажаа благодарност за бугарската поддршка за Македонија и разбирање во овој клучен период за нашата иднина.

Јулиана Николова, член на Комисијата за европски прашања во своите обраќања на средбите со своите бугарски колеги изрази готовност за конкретна соработка и упати апел за отпочнување на заеднички проекти од областа на транспортната инфраструктура и енергетиката. Го поздрави приоритетот на нивното претседателство за унапредување на дигитализацијата, при што информираше дека во Македонија во истиот момент се одржува Дигитален Самит на земјите од Западен Балкан.

Татјана Прентовиќ во своите обраќања се осврна на Договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија, оценувајќи го неговото потпишувањр како смелост и визионерство на Премиерите на двете држави. 

Трајчо Димков на состаноците оцени дека земјите споделуваат не само сегменти од историјата и географската блискост, туку ги споделуваат и заедничкитр европски вредности.  Истакна дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија ќе даденсвој придонес во реформската агенда со цел европска иднина за земјата.

Делегацијата присуствуваше и на пленарна седница во Националното Собрание на Репиблика Бугарија каде што беа ппздравени од страна на нивните колеги.

На крајот, беше заклучено дека во перидот што следи, по Самитот во мај во Софија и состанокот на Комисиите за европски прашања – КОСАК во јуни оваа година, ќе се добие појасна слика за идните чекори на секоја земја аспирант за членство во ЕУ, вклучително и на Република Македонија и дека соодветно ќе се пристапи на истите, со цел за нивна што посупешна реализација.  

Click