Активности

Четврток, 15 февруари 2018 година

Комисијата за култура во Кинотека на Македонија и Археолошки музеј

Работната група на Комисијата за култура, во состав Ирена Стефоска, Никица Корубин и Маја Морачанин, денеска оствари работна посета на Кинотеката на Македонија и Археолошкиот музеј.

Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Македонија, ги информираше присутните за актуелните активности на Кинотеката, соработката која ја остваруваат со странските амбасади и меѓународните организации, како и за проектите кои планираат да ги реализираат во иднина. Освен просториите во склоп на зградата на Кинотеката на Македонија, беше извршена и посета на депото кое се наоѓа во комплексот Хавзи-пашини конаци во с. Бардовци.

На состанокот со Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј на Македонија, пратеничките беа запознаени со состојбата во која се наоѓа зградата на Музејот, која како објект ја делат со уште две институции: Државниот архив и Уставниот суд.

Санев информираше дека се работи на изнаоѓање решение со протекувањето на вода во објектот за да се спречат евентуални поголеми штети. Исто така, од страна на директорот беше истакната потребата од ревизија на актуелните закони од областа на културата, правилниците по кои се раководат и систематизациите на работни места, со цел да се коригираат недоследностите.

Собраниската Комисија за култура останува посветена на агендата за посета на институциите од областа на културата, со цел директно да се запознае со состојбите во кои се наоѓаат и согласно своите надлежности да работи на подобрување на истите.

Click