Активности

Понеделник, 28 јануари 2019 година

Манаскова: Европскиот успех ќе зависи од сите нас

Собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања денеска остварија заедничка средба со Линас Линкевициус, министер за надворешни работи на Република Литванија, во придружба на Раша Каирине, амбасадор на Република Литванија во Македонија и Ваида Станкевичиус, шефица на одделот за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи на Литванија.

Со средбата претседаваше заменик-претседателката на Комисијата за надворешни работи, Магдалена Манаскова, а присутни беа претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби и членовите на двете комисии.

Во своето воведно излагање Манаскова посочи дека односите помеѓу двете држави  од нивното осамостојување ги карактеризира дух на пријателство, доверба, отсуство на отворени или спорни прашања, како и соработка во голем број области од заемен интерес. Литванија ја поддржува Македонија на патот кон демократскиот развој и зацврстување на нејзината позиција како независен, суверен меѓународен субјект. 

Со интеграцијата се дава придонес кон демократијата и владеење на правото во европскиот отворен простор и дека европскиот успех ќе зависи од сите нас.

Литванскиот министер, Линкевициус истакна дека е важно да се забележи овој историски момент за Македонија и да се продолжи со работата во делот на реформите во областите на судството, борбата против корупцијата, јавната администрација, за што Македонија ја има поддршката на Литванија.

Груби се заблагодари за поддршката што Литванија и ја дава на Македонија во европската интеграција и за нејзините залагања за  што поскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ. Притоа, потсети на Заедничката изјава на парламентарните комисии за надворешни работи и за европски прашања на Литванија, Латвија и Естонија од 2012 година, во која се потенцираше потребата  за неодложно отпочнување на пристапните преговори со ЕУ и паралелни разговори за решавање на спорот за името со Грција под покровителство на ОН.

Претседателката на Собраниската Пратеничка група за соработка со парламентите на балтичките земји: Естонија, Латвија и Литванија, Јулиана Николова во однос на билатералната соработка забележа дека има простор за нејзино унапредување, како и во сферата на образованието и дигитализацијата.

Координаторката на Клубот за младински прашања и политики, Ивана Туфегџиќ, литванскиот пример го истакна како најпозитивен за креирање и развој на политиките за младите и дека од него ги користиме практиките и искуства за подготовка и имплементација на законските решенија за младите. Воедно повика и на соработка и размена на искуства со литванските пратеници кои работат со младинските политики.

Соговорниците во текот на средбата дадоа еден реален пристап и совети за нашата понатамошна интеграција на патот кон ЕУ и НАТО, кој Македонија треба да го спроведе, воедно и едногласно изразија поддршка за интензивирање на целокупната соработка. 

Click