Активности

Понеделник, 8 април 2019 година

Недопустливост за користење на платеници како средство за поткопување на мирот и кршење на човековите права

На 140. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што се одржува од 6 до 10 април 2019 година во Доха, Катар, учествува Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата во ИПУ.

Во рамките на 140. Собрание, на 7 април 2019 година седници одржаа постојаните комисии за мир и меѓународна безбедност (Прва комисија) и за одржлив развој, финансии и трговија (Втора комисија).

Пратеникот Африм Гаши учествуваше во дебата на Првата комисија на тема: „Недопустливоста за користење на платеници како средство за поткопување на мирот и кршење на човековите права“. Тој оцени дека во целиот спектар на современи безбедносни предизвици, тероризмот како облик на неконвенционална војна претставува еден од главните извори на опасност за државите и народите, правата и слободите на граѓаните и вредностите на демократските општества.

Гаши нагласи дека конфликтите во Сирија и Ирак продуцирале нови безбедносни предизвици за националната и глобалната безбедност, соочувајќи ги државите со трендови на мобилизација на доброволци од целиот свет, вклучително и од земјите на Југоисточна Европа и Република Северна Македонија. Тој посочи дека борците повратници од кризните региони во Република Северна Македонија се проценуваат како сериозна безбедносна закана, основа за ширење на радикални идеи и ставови, овозможување на логистичка помош на меѓународни терористички мрежи, како и евентуално превземање на терористички акти. Досега, во земјава не се регистрирани случаи на базично, финансиски инспирирани борци - платеници.

Легислативниот систем на Република Северна Македонија во делот за борба против тероризмот е сочинет од поголем број на законски прописи, кои содржат одредби за тероризмот, ратификувани меѓународни документи, стратешки документи и билатерални договори. Во отсуство на посебен Закон за борба против тероризам, во Република Северна Македонија дејствијата на тероризам и делата поврзани со него се опфатени во Кривичниот Законик. Во новиот член (322-а) се санкционират дејствијата на регрутација, обука, агитирање, логистика, финансирање и учество на лица во воени конфликти надвор од државата и во странски паравојски и терористички организации. Донесени се Национални стратегии за борба против тероризмот и за спречување на насилен екстремизам (за периодот 2018-2022 година), со пропратни акциски планови.

Пратеникот Гаши  посочи дека насилниот екстремизам и тероризмот не спаѓаат само во областа на безбедноста, туку треба да се работи и на причините од кои потекнуваат овие пороци, односно подобрување на севкупниот образовен систем, училишните текстови, општата култура и културните активности,  медиуското претставување и толкување на овие случаи, како и за улогата на свештениците и религиозните групи и заедници за спречување на овие појави. Тој оцени дека е подобро да се работи превентивно, отколку да се фокусира само на последиците.

Интерпарламентарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација и најголемата меѓупарламентарна асоцијација, во која членуваат 178 национални парламенти и 12 меѓународни парламентарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

Click