Активности

Среда, 17 јули 2019, Вашингтон

Обраќање на претседателот Џафери на Форумот на Демократското партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на САД

Почитувани претседавачи на Демократското Партнерство на Претставничкиот дом на САД, г. Прајс и г. Бјукенен,
Почитувани конгресни лидери,
Колеги, учесници на овој форум,
Почитувани претставници на НДИ и ИРИ,
Почитувани експерти,
Дами и господа,

Ми претставува задоволство што овие два дена имаме можност да разговараме и да размениме знаења и искуства на теми коишто, како парламентарци верувам дека сите не засегаат, не обединуваат и најважно не мотивираат за конкретна работа и акција. На почетокот, би сакал да се заблагодарам за поканата и да искажам почит за работата на Комисија за Демократско партнерство на Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави и нивните заложби за ефективни, независни и одговорни законодавни институции. Работата на законодавецот е од широк обем и разноликост и поради тоа е секогаш добредојдено новото знаење и различните пристапи кон решавање на секојдневните предизвици. Покрај нив, сакам да се заблагодарам и на Националниот Демократски Институт за нивната континуирана соработка и пријателство со Собранието на Република Северна Македонија, на Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) кои преку своите проекти се активни во многу сфери од општествениот развој на Република Северна Македонија како и на ИРИ со кого имаме долгогодишна традиција на добра соработка.

Темите кои се предвидени за дискусија и размена на искуства во овие два дена се од големо значење за актуелниот политички живот. Јас во моето обраќање ќе се фокусирам на темата - „Легислативната отвореност и транспарентност за зголемување на граѓанската доверба и вклученост“, меѓутоа не помалку важност им придавам и на другите теми, затоа што се сите тие составен дел од функционирањето на еден парламент.

Почитувани, демократијата не доаѓа одеднаш, тоа е процес на менување на размислувањето, трансформирање кон подобро, кон општество кое ќе се грижи и институции кои ќе бидат правични подеднакво за сите. Тогаш граѓаните ќе ги чувствуваат како свои и тогаш нивната доверба во институциите ќе биде недвосмислена. За тоа да биде така, потребно е институциите, конкретно законодавниот дом, да биде инклузивен и отворен кон јавноста. Ќе бидам искрен и ќе кажам дека во 2017 година, кога стапнав на оваа одговорна функција, односно претседател на законодавниот дом, се соочив со една неприродна состојба, односно, собранието, домот на граѓаните, местото каде се раѓа и се развива демократијата, беше затворено кон граѓаните, односно беше тема која не беше „тема“ за граѓаните. Граѓаните имаа претстава дека зад вратите се случуваат тајни заговори далеку од нивните очи и уши. Заедно со претседателството на Собранието решивме да го смениме, односно реформираме начинот на функционирање на законодавниот дом. Ги отворивме вратите за граѓаните да можат со најава и претходно електронско пријавување да го посетат и имаат обиколка во Собранието. Секој петок кога имаме отворен ден, низ ходниците и салите се слуша прекрасен жагор на љубопитни деца, ученици, студенти и граѓани. Усвоивме измени во Законот за Собрание според кој во работата на собраниските комисии се повикуваат експерти од разни области кои го даваат својот професионален придонес по соодветната област за која се повикани. На собранискиот сајт граѓаните имаат можност да постават прашања до пратениците од своите изборни единици и да дадат свои предлози и идеи. Покрај тоа, ги отворивме вратите и за разни иницијативи и проекти кои доаѓаат од меѓународни институти и организации, домашни невладини организации и движења и ја интензивиравме и продлабочивме и меѓународната соработка, со парламентите во соседството, во регионот и во светот. Но, и ние излеговме „на терен“ (во наводници), односно, пратениците од нашето Собрание имаат канцеларии за контакт со граѓаните во своите изборни единици и затоа настојувам секој петок да биде ден без собраниски активности, со цел да можат да ја реализираат оваа активност на најпродуктивен начин. Поентата ми е дека, иако делуваме глобално, треба да останеме поврзани и локално затоа што само тогаш кога ќе бидеме дел од секојдневието на нашите граѓани, ќе можеме изворно да ги осознаеме проблемите што ги тиштат, што ги предизвикува нив, и нашите сознанија ќе можеме да ги преточиме во законски решенија прилагодени на актуелните состојби и само тогаш граѓаните ќе стекнат доверба во нас и во функционалноста на институциите што ги застапуваме и ќе бидат сигурни дека нивните интереси и благосостојба ќе бидат приоритет. Јас, воден од моето претходно повеќегодишно искуство во законодавната и извршната власт, уште на почетокот поставив пред себе јасна и недвосмислена цел – никогаш нема да дозволам да имаме нефункционално собрание и нема да дозволам партиските или некои други интереси да бидат пред интересот на граѓаните. За тоа да биде така, од суштинска важност е да има постојана интеракција меѓу институциите  и граѓаните. Работата на Парламентите и Собранијата низ светот не е воопшто лесна. Таа е комплексна, меѓутоа во исто време е и предизвик, и ние мораме постојано да се прилагодуваме на потребите на граѓаните и на светските текови кои постојано се менуваат. Тоа е огромна одговорност, меѓутоа во исто време и голема привилегија Според мене, а на тоа се фокусирани и реформите во нашиот законодавен дом, потребно е парламентите да имаат финансиска независност, независна служба и поучени од немилите настани во Собранието на Република Северна Македонија на 27-ми април, свое независно обезбедување. Од тоа ќе зависи силината на интегритетот на институцијата, на пратениците, цврстината со која ќе стојат зад своите ставови. Секако дека за да биде така, треба да се и добро информирани и подготвени од добро обучена професионална служба која во континуитет се надградува и развива. Само така ќе имаме силни парламенти кои ќе бидат независни во градењето на демократски општества со активно вклучени граѓани и ефективно владеење на правото и почитувањето на правата и слободите на секој поединец.

Почитувани, ние ја имаме шансата и привилегијата да бидеме дел од креирањето на историјата. Дали историјата ќе не запомни по креирањето на подобар свет за сите или по деструктивноста и себичноста, е избор кој ќе го правиме сами секој ден и избор со кој исто ќе живееме сами секој ден.

На крај, сакам да се заблагодарам на претставниците на Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави за организирањето на овој форум, на кој
имаме можност за размена на мислења и знаења со нашите ценети и почитувани колеги, а тоа е секогаш добредојдено и јас лично придавам огромно важност на парламентарната дипломатија. Исто така, сакам да се заблагодарам и на Соединетите Американски Држави и американскиот народ за помошта и поддршката што и ја дава на Република Северна Македонија од прогласувањето на независноста, низ годините на зацврстување на нејзината млада демократија до конечното постигнување на нашите стратешки цели за кои верувам дека сте сите свесни, односно полноправното членство во НАТО и ЕУ. Вие сте вистински стратешки партнери и потврдени пријатели на нашата земја!

Ви благодарам на вниманието! 

Click