Активности

Петок, 5 јули 2019 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ НА ОТВОРАЊЕТО НА 58. БАЛКАНСКИ ФЕСТИВАЛ НА НАРОДНИ ПЕСНИ И ИГРИ

Почитуван заменик министер за култура,
Почитуван директор Симоноски,
Почитувани претставници на општина Охрид,
Почитувани изведувачи,
Дами и господа,
Драги пријатели љубители на народната музика и игра,

Ми претставува голема чест и задоволство што вечерва ќе го одбележиме 58-то отворање на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Ова е фестивал кој е најстариот меѓународен фестивал од ваков вид на Балканот и кој поради својата специфика се смета како една од најзначајните фолклорни манифестации во светот. Тој излегува од своите рамки и вградува во својата организација дополнителни артистички изразувања.

Песната и играта е само дел од начините преку кои се изразува културното богатство на еден народ. Фолклорот генерално е една од најинтересните појави во општеството, носејќи ја во себе долгогодишната историја на еден народ, сите нивни приказни, страдања и славења, љубови, успеси и разочарувања. Ја славиме уметноста и артистичкото изразување затоа што од еден настан се раѓаат песни кои живеат да ја раскажуваат приказната која траела и завршила. Преку песната се овековечуваат моментите за потоа да живеат вечно, без разлика дали била победоносна битка или погубен пораз, тажна мајка која го испратила детето во туѓина и копнеела по него, несреќна или пак голема љубов.

Сакам да ја искажам својата голема почит кон оваа манифестација која овозможува афирмирање и промовирање на културните богатства на народите. Да се раскажува историјата и да се промовираат културните карактеристики преку музиката, песните и играта е голема умешност. Во овие години на електронска и мрежна поврзаност, како и масовна глобализација која своето влијание го има и врз музиката и културата генерално, навистина е за восхит фактот дека овој фестивал опстојува и предизвикува интерес толку години. Да се обидеме да го зачуваме и да го промовираме овој фестивал уште повеќе за да можеме и на младите генерации да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри, за кога ќе станат возрасни луѓе, да носат чувство на гордост и задоволство од својата посебност.

На овој фестивал досега се презентирани илјадници изведувачи и игроорци од повеќе континенти, притоа изразувајќи ја својата отвореност кон културните вредности на другите и, веројатно на тоа се должи и неговиот успех. Би сакал да ја искажам својата почит кон Ансамблот „Танец“ и неговите изведувачи кои ќе настапат вечерва. Вие сте вистински амбасадори на културата на еден народ.

Моја голема чест е тоа што Собранието на Република Северна Македонија е покровител на ваков вид на долговечен настан. Исто така би сакал да им честитам и да се заблагодарам за работата на „Центарот за култура - Глигор Прличев“ чијашто работа е за секоја почит. Би сакал својата почит и благодарност да им ја изразам и на сите учесници на овој фестивал како за својата работа и посветеност, така и за трудот и волјата да дојдат во овој бисер од град за да не почестат со својот фолклор. Мојата благодарност до нив е уште поголема поради универзалната порака на прифаќање на различностите која ја пренесуваат.

Се надевам дека ќе ја потврдиме нашата прочуена гостопримливост и  ќе бидеме добри домаќини и ќе им останеме во пријатно сеќавање на сите гости кои овие денови ќе на почестат со своите народни богатства.

Со убави мисли и желби, драги пријатели, го прогласувам 58-миот Балкански фестивал за отворен.

Ви благодарам и имајте убава вечер.

Click