Активности

Недела, 11 март 2018 година

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ ПО ПОВОД 75 ГОДИНИ ОД ХОЛОКАУСТОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРЕИ - ДЕПОРТАЦИЈА НА 7.144 МАКЕДОНСКИ ЕВРЕИ ВО ЛОГОРОТ НА СМРТТА ТРЕБЛИНКА 

Почитувани дами и господа,
Почитуван заменик-министер за одбрана на Израел, 
Почитувана градоначалничке на Битола,
Почитувани претставници на Еврејската заедница во Македонија,
Екселенции,
Драги пријатели,
Медиуми,

Еден од најмрачните периоди во минатиот век, а јас би рекол и воопшто во човековата цивилизација, е холокаустот, кога во нацистичките логори на смртта беа на најбрутален начин ликвидирани над шест милиони мажи, жени, деца и старци, и тоа само затоа што беа Евреи. Меѓу тие 6 милиони беа и 7.144 Евреи од територијата на денешна Република Македонија, кои точно пред седумдесет и пет години од страна на окупациските власти беа предадени на нацистите, депортирани во логорот на смртта во Треблинка и сите беа брутално ликвидирани. Односно, над 98 проценти од еврејската популација во Македонија, меѓу кои над илјада деца,  завршија трагично во овој нацистички логор на смртта.

Почитувани присутни,

Република Македонија и нејзините граѓани, секоја година на денешен ден се потсетува на овој трагичен настан, со цел да се оддаде почит на овие наши сограѓани, но и на сите Евреи, жртви на холокаустот. Меѓутоа, во исто време, јасно и гласно да кажеме дека никогаш нема да го заборавиме холокаустот и никогаш нема да дозволиме извитоперување на историските факти, во смисла на негирање на холокаустот. Нема да дозволиме никаква појава на антисемитизам, на говор на омраза, на нетрпеливост, ксенофобија или какви било други појави кои претставуваат кршење на човековите права. 

Токму затоа, Собранието на Република Македонија, на својата седница на 5 март годинава, усвои посебна Декларација во спомен на овие наши сограѓани, но и како потврда на таа наша определеност. Иако, за жал, морам да кажам дека сето ова е повторно присутно во Европа, а и пошироко.

Драги пријатели,

Денес во Македонија, и тоа претежно во Скопје, живее мала еврејска заедница која со своите активности на сите полиња, дава многу препознатлив и значаен придонес во целокупниот општествено-економски и културен развој на државата.

Сакам да истакнам дека Република Македонија со Законот за денационализација го врати на еврејската заедница целокупниот имот кој го имала уште пред Втората светска војна, како и имотите на нашите сограѓани Евреи кои беа ликвидирани во Треблинка, а немаат правни наследници. Токму ова беше, ако можам така да речам, појдовна основа за изградба на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија. Во своето работење, Меморијалниот центар дава огромен придонес на планот на сеќавањето, учењето и истражувањето за холокаустот. Во исто време, овој центар го промовира заедништвото, толеранцијата и дијалогот, не само меѓу граѓаните на Македонија, туку и во целиот регион. Зарем самата локација на Меморијалниот центар во центарот на градот, како и фактот дека од една страна се наоѓа црква а од другата џамија, на симболичен начин не ја потврдува вековната толерантност и отвореност на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија. Затоа, и со право, како граѓани на Република Македонија, бараме да не се заборави и никогаш да не се повтори холокаустот. Сакаме многу повеќе дијалог, толеранција и разбирање, како за решавање на глобалните проблеми, така и за регионалните и билатералните прашања. Тоа е наша обврска кон оние 6 милиони Евреи кои животот го загубија во логорите на смртта, наша обврска кон сегашните и сите идни генерации. Тоа е обврска на човештвото.

Ви благодарам на вниманието.