Активности

Петок, 16 ноември 2018 година, Мадрид

Образованието, вработувањето на младите и демократскиот амбиент-силен инструмент на демократските општества во борбата против тероризмот 

На Конференцијата за жртвите на тероризмот во областа на Парламентарното собрание на ОБСЕ, што се одржува на 15 и 16 ноември 2018 година во Мадрид, во организација на Сенатот на Шпанија и ПС на ОБСЕ, учествува делегација на Собранието на Република Македонија во состав: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ,  Јагода Шахпаска и Ејуп Алими, членови  на Делегацијата.

Вториот ден на Конференцијата е посветен на размената на искуства во борбата против тероризмот, како и потребата за зголемување на поддршката на жртвите од тероризмот во областа на ОБСЕ.

Претставниците на  здруженијата на жртвите од тероризам од повеќе земји ги споделија личните искуства од терористички напади, како и проблемите со властите и јавната администрација. Експертите за безбедност и претставниците на полицијата се задржаа на предизвиците со кои се соочуваат во борбата против тероризмот и начините на кои се справуваат со терористичките закани.

Учесниците во дискусијата нагласија дека преживеаните од терористички напади имаат потреба од долгорочна поддршка со соодветна психолошка, судска, правна и социјална помош,  со цел да се справат со траумата и да продолжат со своите животи. 

Пратеникот Ѓорчев во своето обраќање истакна дека тероризмот претставува закана за слободните општества и за демократиите, како и за целиот свет. 

Ѓорчев истакна дека Македонија се придружи во меѓународната коалиција за борба против тероризмот и дека припадниците на АРМ активно учествуваат во меѓународните безбедносни мисии. 

Ѓорчев нагласи дека треба да продолжи меѓународната соработка за борба против тероризмот, особено во делот на размена на информации помеѓу земјите кои заеднички се борат против тероизмот. 

Истовремено, треба да се засили соработката со локалните заедници во насока на спречување на радикализацијата на младите луѓе. Вложувањето во образованието, можноста за вработување на младите и демократскиот амбиент се силен инструмент на демократските општества во борбата против тероризмот. 

Исто така, делегацијата на Собранието на Република Македонија учествуваше во церемонијата на положување на цвеќе и одавање на почит на жртвите на тероризмот.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click