Активности

Понеделник, 4 февруари 2019 година, Брисел

ПАРЛАМЕНТАРНА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО СТУДИСКА ПОСЕТА НА ШТАБОТ НА НАТО И ВРХОВНИТЕ ШТАБНИ ЗДРУЖЕНИ СИЛИ ЗА ЕВРОПА

Во рамките на Студиската посета на Штабот на НАТО и Врховни штабни здружени сили за Европа (SHAPE) и во пресрет на официјалното потпишување на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО, Делегацијата на Собранието денеска во Брисел оствари повеќе средби и брифинзи со претставници на НАТО. 

Делегацијата беше поздравена од Медлин Мун, претседател на Парламентарното Собрание на НАТО, која во своето обраќање искрено го честиташе скорешниот прием на Република Македонија во полноправното членство на НАТО. Истакна задоволство од одлично завршената работа изминативе 20 години, силната посветеност на државните институции во изготвувањето на годишните планови за членство, како и иницијативниот однос на Собранието преку учеството на делегацијата во активностите во ПС на НАТО, при што особено го поздрави успешниот одржан Рос-Рот семинар минатата година во Скопје, што ја покажува целта и визијата на целото општество за правецот во кој сакаме да се движиме.

Делегацијата во состав од пратениците: Илија Димовски, шеф на Делегацијата на ПС на НАТО, Катерина Кузмановска и Весел Мемеди, членови на Делегацијата, Хари Локвенец, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, Илија Николовски, заменик-претседател, Емил Димитриев и Џеват Адеми, членови, како и Ане Лашкоска, Шпреса Хадри, Емилија Александрова и Африм Гаши, членови на Комисијата за надворешна политика, имаа можност со високи претставници на НАТО, да разменат мислења за односите што Алијансата ги развива со нејзините партнери, прашањата сврзани со НАТО и Западен Балкан, односите НАТО-Русија, борбата против хибридните војни и растечката отпорност. 

На Тркалезната маса пратениците имаа можност да дискутираат со амбасадорите-постојани претставници во НАТО од Словенија, Хрватска и Естонија за „Националните перспективи за НАТО и соработката со Западен Балкан", при што беа разменети видувања и мислења за идната соработка со НАТО. 

Делегацијата имаше работен ручек со помошник-генералниот секретар за јавна дипломатија, Таџан Илдем, кој не го криеше своето задоволство што наскоро, меѓу останатите сојузници, ќе ја има и Македонија како 30-та полноправна членка на НАТО, со што се заокружуваат повеќе децениските активности, аспирации, институционални заложби на повеќе влади и парламенти, во успешното финализирање на нашето членство во НАТО.

Утре се очекува Делегацијата да оствари посета на Воениот штаб на НАТО, односно Штабните здружени сили за Европа, стационирани во Монс, при што ќе имаат брифинзи со неколку офицери кои ќе го објаснат функционирањето на Штабот, операциите, мобилноста, капацитетите и операбилноста во воени и мирнодопски услови.   

Click