Активности

Сабота, 22 јуни 2019 година, Сараево

Подобра поврзаност за подобар живот во Регионот

Пратеникот Џеват Адеми, член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), учествува на Шестата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ, што се одржува на 21 и 22 јуни 2019 година во Сараево, во рамките на Претседателството на Босна и Херцеговина со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

На Сесијата се одржаа седници на трите комиисии и на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ, како и Пленарно заседание на тема: „Подобра поврзаност за подобар живот – како да се постигне вистинска промена во процесот на регионална соработка“. 

Во обраќањето на Пленарното заседание, Џеват Адеми нагласи дека кога се дискутира за подобра поврзаност на регионот, не ставува збор само за тесната инфраструктурна дефиниција и потребата за подобри транспортни врски. Со цел за побрзо пристапување на целиот регион во Европската Унија, покрај инфраструктурното, потребно е и деловно поврзување и соработка, поврзување во полето на образованието и културата, поврзувањето меѓу младите, дигиталното поврзување, како и зајакнување на врските меѓу земјите од ПСЈИЕ и подобрување на меѓусебната соработка за подобар одговор на сите современи предизвици со кои се соочува регионот. Токму затоа, учесничките во ПСЈИЕ треба да се  фокусираат на конкретни проекти на овој план. 

Пратеникот Џеват Адеми посочи дека Република Северна Македонија останува активен и конструктивен партнер во регионалната соработка, преку засилено учество и влијание во регионалните иницијативи и силно е посветена на промоција на принципите на добрососедство во регионот. Нагласувајќи дека добрососедските односи се суштински дел од процесот на приближување кон ЕУ, тој се осврна на двата клучни договори со кои Република Северна Македонија ги затвори билатерални прашања со соседите: Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Република Бугарија и Преспанскиот Договор со Република Грција. Адеми оцени дека со овие договори се отвори можноста за развој на искрено партнерство, базирано на поддршка и соработка во сите сфери од заеднички интерес, меѓу кои и инфраструктурното, економското и културното поврзување.

Адеми истакна дека граѓаните на Република Северна Македонија очекуваат нашата држава што поскоро да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија, како заслужена шанса по напредокот што го постигна земјата во повеќе области, а кој беше нотиран и во последниот Извештај на Европската комисија. Тој информираше дека во Извештајот особено се истакнува улогата на Собранието на Република Северна Македонија, кое го подобри своето работење како форум за конструктивен политички дијалог и ги унапреди своите надзорни и законодавни функции, фокусирајќи се на продлабочување на реформите, дополнително зголемување на капацитетот за надзор и неговата транспарентност.

Во својство на претседател на Комисијата за правда, внатрешни работи и безбедносна соработка, Џеват Адеми претседаваше со Седницата на Комисијата, а на Пленарното заседание пред членовите на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ ги презентираше предлогот на извештајот и предлогот на резолуцијата на оваа Комисија. 

Членовите на Парламентарното собрание едногласно ги усвоија извештаите и резолуциите на трите комисии на ПС на ПСЈИЕ, а се очекува на крајот на Сесијата да усвојат и Финална декларација.

Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Молдавија, Романија, Северна Македонија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската Унија. 

Click