Активности

Четврток, 4 април 2019 година

Полска поддршка за евроатлантска интеграција

На покана на Полскиот парламент (Сејм), на пленарната седница на Парламентот, на која со 388 гласа „за“ се ратификува Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, денеска во Варшава присуствува Делегација од Собранието на Република Северна Македонија, предводена од потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди и пратениците Ристе Ташев и Зеќир Рамчиловиќ. 

Делегацијата претходно оствари средба со претседателот (маршалот) на Сенатот, Станислав Карчевски, на која се дискутираше за билатералните односи меѓу двете држави, за Берлинскиот процес и за евроатлантските аспирации на Република Северна Македонија. 

Маршалот Карчевски истакна дека односите меѓу Република Полска и Република Северна Македонија се одвиваат во позитивен правец, се развива економска соработка, што е олеснето и со директната авионска врска меѓу Варшава и Скопје од минатата година. Тоа придонесе и за раст на туризмот, при што полските државјани претставуваат најголема групатуристи кои ја посетуваат РС Македонија. Тој го поздрави договорот на РС Македонија со Република Грција со кој се затвори спорот околу името на државата, што го деблокира европскиот и евроатлантскиот пат на земјата. Истовремено, Маршалот Карчевски, покрај отворената и континуирана поддршка на НАТО аспирациите, ги увери соговорниците дека Република Полска ќе го поддржи и отворањето на пристапните преговори со Европската Унија на Република Северна Македонија.

Потпретседателот на Собранието, Весел Мемеди, се заблагодари за поддршката на евроатлантските аспирации на Македонија и изрази надеж дека процесот на ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО ќе биде толку брз што ќе ѝ овозможи на земјата да стане членка веќе на Лондонскиот самит на НАТО. 

Потпретседателот Мемеди истакна дека по воспоставувањето на дипломатските односи поминаа 25 години и благодарение на пријателските односи, Република Северна Македонија би можела да има корист од искуството на Република Полска на патот кон ЕУ. Тој се заблагодари и на поддршката на Република Полска за европските аспирации на Република Северна Македонија, за кои се очекува добивање на конкретен датум за почеток на преговорите на јунскиот Самит на Европската Унија. Истакна дека 27 години подоцна е оптимист, бидејќи конечно решавајќи го прашањето за името на државата и воспоставувајќи добри односи со соседите, Република Северна Македонија го етаблира и зацврстува своето заслужено место на почитувана држава во меѓународната заедница. 

Соговорниците разменија видувања за програмата на активности во рамките на Берлинскиот процес, каде Полска ги активира своите односи со земјите од Западен Балкан и заедно со Европската комисија и земјите од Западен Балкан, ќе го организира Самитот на Западен Балкан во јули годинава. Маршалот Карчевски изрази надеж дека овој Самит ќе биде вистинска поддршка за европските аспирации на земјите од овој регион. 

Потретседателот Мемеди информираше дека министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија ќе учествува на консултации во врска со Самитот следната недела во Варшава, при што претседателот на Сенатот упати покана министерот да присуствува на седницата на Полскиот сенат, на која  ќе се ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, по што ќе биде потпишан од страна на претседателот на Република Полска.

Беа упатени заемни покани за учество на претседателот на Собранието на Северна Македонија на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на Централна и Источна Европа во Варшава, организиран од полскиот Сејм и Сенатот, како и за возвратна посета на Република Северна Македонија. 

Република Полска, во временски интервал од два месеца, е десетта земја членка на НАТО која го ратификуваше Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО. 

Click