Активности

Вторник, 9 јули 2019 година

Позитивните достигнувања треба да не поврзуваат како соседи

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, оствари средба со Дуда Баље, претседателка на Комисијата за човекови права, родова еднаквост, исчезнати лица и петиции од Република Косово и со членовите на истата комисија.

Дел од собраниската делегација беа пратениците Сашко Атанасов, Трајчо Димков, Панчо Минов, Слаѓана Митовска, како и Зеќир Рамчиловиќ, претседател на Пратеничка група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Босна и Херцеговина. Во придружба на Делегацијата беше и aмбасадорот на Република Северна Македонија во Приштина, вршител на должност, г. Реџеп Салиу.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Фадил Зендели, изрази задоволство од продолжувањето на конструктивниот разговор помеѓу двете комисии. Тој ги поздрави и добрите односи меѓу двете земји, потенцирајќи дека се потпишани повеќе од 30 билатерални договори и се настојува да нема ниту едно отворено прашање меѓу нив. Исто така тој ги информираше присутните за активностите на комисијата, која во минатиот мандат беше нефункционална и ја изгуби поврзаноста со граѓаните, но сега работи согласно своите надлежности. Посебен фокус тој стави на посетата на затворите, реаизирани со цел пратениците директно да се запознаат со условите во нив и да остварат комуникација со затворениците, а кои подлежат на критики во извештаите на Европската Комисија и Народниот правобранител. Со особен интерес колегите од косовското собрание ја последија информацијата за подготовка на законот за донирање на вишокот на храна и изразија желба за превземање на овој модел. 

Пратениците се интересираа за правата на малубројните заедници, прославата на нивните празници, со посебен акцент за правата на македонското население кое живее во областа Гора и нивно признавање и политичко учество на национално ниво. 
Пратеничката од косовскиот парламент, Дуда Баље, искажа големо задоволство од реализирањето на оваа средба, посебно што истата е резултат на средбата во македонското собрание, минатата година и истовремено изрази надеж дека оваа соработка ќе продолжи и ќе се продлабочува преку организирање на тематски средби.

Нејзините колеги од комисијата се интересираа за законската регулатива за семејно насилство, за заштита на децата, како и за примената на законот за јазиците и инфраструктурни проекти од значење за двете соседни земји и за мерките кои Северна Македонија ги превзема за рамномерен економски развој.
Покрај средбата со членовите на Комисијата, во рамки на агендата делегацијата оствари средба и со претседателот на Собранието на Република Косово, господинот Кадри Весели.

Претседателот Весели ја поздрави соработката меѓу двете комисии и оддаде признание за чекорите кои Република Северна Македонија ги превзема во однос на евроатлантските интеграции. Тој изрази поддршка за што побрзо отпочнување на преговорите, велејќи дека напредокот на една држава е напредок за целиот регион. Според него позитивните достигнувања треба да не поврзуваат како соседи и да работиме интензивно на размена на добрите пракси. Неговиот став во однос на правата на заедниците е дека тие помогнале, а не одмогнале во развојот на земјата и во таа насока, истакна дека Република Косово се труди да биде фактор на мирот и стабилноста на Западен Балкан и да соработува со сите земји.

На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека двете земји работат на почитувањето на човековите права и изразија подготвеност да продолжат со остварување на редовните контакти.

Click