Активности

Четврток, 1 ноември 2018 година, Женева

Пратеничката Јулиана Николова на 71. сесија на Комитетот на ОН за елиминација на дискриминацијата врз жената

Пратеничката Јулиана Николова учествува на 71. сесија на Комитетот на ОН за елиминација на дискриминацијата врз жената, како дел од официјалната делегација на Република Македонија, која денеска пред Комитетот го презентира Шестиот периодичен извештај на Република Македонија по Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жената (CEDAW), согласно обврските произлезени од член 18 од Конвенцијата. 

Делегацијата ја предводи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, а во нејзин состав се и министерот за здравство Венко Филипче, како и претставници од ресорните министерства. 

Пратеничката Николова одговараше на прашања од членовите на Комитетот во врска со улогата на Парламентот во имплементацијата на Конвенцијата, учеството на жените во политиката, односно мерките за зголемување на вклученоста на жените во највисоките позиции на извршната и локалната власт.

По разгледувањето на Извештајот, се очекува Комитетот на ОН да достави заклучни согледувања, во кои, покрај позитивните аспекти, ќе бидат посочени и главните области на загриженост, како и препораки за нивно надминување.

За одбележување е што во официјалната делегација на Република Македонија за презентација на извештајот  по CEDAW, за прв пат, е вклучен претставник на законодавната власт, согласно препораките на Комитетот на ОН за зацврствување на улогата на националните парламенти, како и целосно вклучување на парламентaрците во процесот на известување и имплементација на Конвенцијата и нејзиниот Факултативен протокол.

Click