Активности

Петок, 28 јуни 2019 година

Процесот на реформи во одбраната мора да продолжи со цел модерна и флексибилна армија

Во рамките на работниот семинар „Законодавни односи во одбраната“, организиран од Канцеларијата за одбранбена соработка на САД во Република Северна Македонија и Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, Комисијата за одбрана и безбедност одржа работна средба на која стана збор за процесот на реорганизација и развој на одбранбениот систем и Армијата на Република Северна Македонија, како и законските измени и усогласувања што произлегуваат од тој процес.

Пред присутните се обратија: Фросина Ташевска-Ременски, потпретседателка на Собранието на Република Северна Македонија; Драган Николич, државен секретар во Министерството за одбрана на Република Северна Македонија; потполковник Стеван Наумоски од Армијата на Република Северна Македонија; потполковник Крис Мичел од Канцеларијата за одбранбена соработка на САД; како и панелистите Глен Грант и Ерик Лејде.

На состанокот се даде кус осврт на Стратегискиот одбранбен преглед (СОП), како проекција за иден развој и продолжување на процесот на трансформација на одбраната со цел создавање модерна и флексибилна армија подготвена на одговори на современите безбедносни предизвици.

Исто така, стана збор за влијанието на СОП врз одбраната и легислативата, со посебен акцент на законските измени, како и проекциите на буџетот за одбрана кои до 2024 година треба да го достигнат НАТО стандардот од 2% од БДП. Притоа, беше нагласено дека зголемувањето на буџетот за одбрана не треба да се гледа само како исполнување на критериум за влез во НАТО, туку и можност за модернизација и зголемување на функционалноста на Армијата на Република Северна Македонија.

Сите учесници на состанокот беа едногласни дека процесот на реформи во одбраната треба да продолжи со заедничка континуирана соработка на Министерството за одбрана и Собранието, а со поддршка на надворешни експерти и безбедносни партнери, како што се САД.

Click