Активности

Вторник, 2 април 2019 година

Работилница за проценка на родовата сензитивност на Собранието

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија, во соработка со Мисијата на ОБСЕ, денеска спроведоа еднодневна Работилница и ја оценија родовата сензитивност на Собранието. Работилницата се одржува во рамки на проектот на отсекот за Демократско управување при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија цел е да се поттикнат демократските процеси и да се зајакнат клучните институции, каква што е и Собранието.

Работилницата имаше за цел да ја разгледа структурата на Собранието, неговите политики и пракси, како и да процени во која мера се води сметка за родовата еднаквост во секојдневното работење на законодавниот дом. Околу 30 мажи и жени, пратеници и пратенички на Собранието, вработени во собраниската служба, претставници на Парламентарниот институт и претставници на Канцеларијата на Националниот демократски институт во Северна Македонија, зедоа активно учество на настанот.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во неговиот поздравен говор истакна дека „Собранието е клучна институција на демократијата во сите земји членки на ОБСЕ. Собранието е центар на демократското живеење и негова политичка и морална должност е да иницира и води политички процеси и да носи политики за јакнење на родовата еднаквост во сите негови сфери на работа“. 

Работилницата им даде можност на учесниците да ја применат методологијата за Проценка на родовата сензитивност на Европскиот институт за родова еднаквост. Родовата сензитивност во јавната сфера, вработувањето на кадар и управувањето со човечки ресурси, како и процесите на носење закони и вршење надзор, беа дел од областите за кои се вршеше проценка преку поставување на конкретни прашања и употреба на индикатори.

Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на крајот на работилницата заклучи дека: „Собранието прави крупни чекори во насока на охрабрување на жените и воспоставување на ефикасни родово-институционални механизми и јавни политики во земјата. Оваа работилница ни овозможи да се стекнеме со нови знаења и ќе ни даде насоки за идните чекори кои треба да се преземат. Дури и сега е јасно дека постои потреба за посистематски пристап во поглед на интегрирањето на родовите аспекти во нашето Собрание. Со нетрпение ја очекуваме понатамошната соработка со ОБСЕ за справување со утврдените предизвици.“

Собранието ќе работи на спроведување на препораките од работилницата и со нетрпение ги очекува идните активности во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со слични партнерски институции. 

Click