Активности

Понеделник, 1 април 2019 година

Работна група од Собранието во посета на затворот КПУ Штип

Членови на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, односно на Работната група за посета на казнено-поправните установи во Република Северна  Македонија, на 29 март 2019 година, реализираа посета на затворот КПУ Штип. Во состав на групата беа: Фадил Зендели, претседател на Комисијата, Сашко Атанасов, Мирсада Емини-Асани, Трајчо Димков, Панчо Минов и Маја Морачанин.

Оваа работна група се основаше на Петтата седница на Комисијата, одржана на 12 јуни 2018 година, поради забелешките за состојбата во затворите во Северна Македонија во Извештајот на Европската комисија, како и забелешките на пошироката јавност, а во неа, покрај пратениците, членуваат и претставници од невладиниот сектор и експерти. Оваа посета е втора по посетата на затворот КПД Идризово.

Во рамки на посетата, групата оствари средба со директот на КПД Штип, Мики Тодоров и затворската полиција, а имаше можност да поразговара и со осудени лица. На средбата се дискутираше за состојбите во затворот и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат раководството, вработените и осудените лица.

Претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Фадил Зендели, изрази загриженост поради забелешките на Народниот правобранител и меѓународните организации и ја потенцираше обврската да се грижиме за овие институции. Тој и останатите пратеници се интересираа за општите услови во затворот, исхраната, здравствената заштита која им се пружа на осудените лица, амнестијата, процесите на ресоцијализација, како и за алтернативните мерки, утврдени со Законот за пробација.

Директот на КПД Штип објасни дека затворот е изграден во 1984 година и е затвор од отворен тип, кој има капацитет за сместување на 210 лица, а во моментов се сместени 236 лица, бројка која значително се намалила со донесувањето на Законот за амнестија кога бројот на затвореници достигал и до 400 лица. Тој ги информираше присутните за просторното уредување на затворот, процесите на ресоцијализацијата, проектите со меѓународните организации и посебно го истакна уредувањето на просторијата за посета на децата на осудените лица. Во однос на предизвиците со кои се соочува затворот КПД Штип, тој се осврна на недостатокот на кадар во затворот и во лекарската служба, како и на недостатокот од буџетски средства, опрема, униформи, метал детектори и лекови. Посебно како проблем беше посочено дека во затворот во моментот работат 3 воспитувачи, што значи дека еден работи со 80 осудени лица, наспроти европските стандарди според кои 1 воспитувач работи со 30-35 лица, а сериозен проблем е и што осудените лица не се дел од системот за здравствена заштита и нивното лечење  е на терет на затворите. Исто така, и бројот на вработени лица во затворската полиција е несоодветен да ги задоволи секојдневните потреби и активности, бидејќи во смена работат само 9 затворски чувари. Од страна на раководството на затворот беше нагласено дека голем дел од буџетот на институцијата оди на тужби за неисплата на прекувремените работни саати, односно од расположливите 19 милиони денари, дури 7,5 милиони денари отпаѓаат на извршни решенија, а сопствените приходи се недоволни.

Беше истакната и потребата за поголема координација помеѓу затворите, Центрите за социјална работа и Агенцијата за вработување, по извршување на казната на осудените лица, како и потребата од континуирана едукација на вработените во затворската полиција. И покрај сите проблеми со кои се соочуваат, како позитивно беше истакнато реновирањето на 8 затворски простории.

Беше сумирано дека постојат системски проблеми со кои секојдневно се соочуваат сите 12 затвори во земјата и беше потенцирана потребата од подигнување на јавната свест за условите во затворите и предизвиците со кои се соочуваат секојдневно вработените и осудените лица.

Пратениците имаа можност да ги посетат затворските простории, спортските терени, кујната, пекарата, просториите за посета на деца и брачни партнери, берберницата, ИТ-собата, резбарската работилница, како и затвореното и отвореното одделение.

Работната група ќе продолжи со посети на казнено-поправните установи во земјава, по што ќе се одржи јавна расправа на која ќе бидат поканети сите чинители и од која ќе произлезат препораки за подобрување на затворските услови, поголемо почитување на човековите права и исполнување на меѓународните стандарди. 

Click