Активности

Среда, 14 март 2018 година

Работна средба на Комисијата за финансирање и буџет 

Претседателот и членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија одржаа работна средба со претставници на Фондацијата за демократија на Вестминстер, консултантот за интерпарламентарни односи од Ирска г-ѓа Нив О’Kонор и претставници на Државниот завод за ревизија.

На средбата беа разменети мислења за формирање на Комисија за разгледување на конечните извештаи на Државниот завод за ревизија со цел зголемување на фискалната отчетност и транспарентност во Република Македонија.

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Лилјана Кузмановска им посака срдечно добредојде на гостите и се заблагодари на поддршката која Фондацијата за демократија на Вестминстер во континуитет му ја дава на Собранието на Република Македонија. Госпоѓа Кузмановска истакна дека заложба на сите парламентарни групи во Собранието е да се зголеми контролата и надзорот на трошењето на јавните средства. Разгледувањето на ревизорските извештаи, посебно оние во кои се констатирани наоди за незаконско и ненаменско трошење на парите, ќе овозможи поголема контрола на Собранието на работата на извршната власт.

Претседателката на Комисијата, г-ѓа Лилјана Кузмановска, истакна дека постои поддршка за разгледување на ревизорските извештаи, но потребно е да се изнајде соодветниот модел, односно да се одлучи дали конечните ревизорски извештаи ќе се разгледуваат на седници на Комисијата за финансирање и буџет, или на поткомисија која ќе биде во рамките на Комисијата за финансирање и буџет, или, пак, ќе се формира посебно работно тело во Собранието на Република Македонија.

Госпоѓа Нив О’Kонор ги запозна пратениците со соработката помеѓу Ирскиот парламент и Канцеларијата на државниот ревизор на Ирска, работата на Комисијата за јавни финансии во Ирска, презентираше одредени случаи кога парламентот реагирал по наодите на Канцеларијата на државниот ревизор и укажа на придобивките од истрагите на Комисијата за јавни финансии.

Во дискусијата учествуваа пратениците Драган Цуклев, Горан Милевски, Панчо Минов и Петар Атанасов. На крајот на средбата претседателката Кузмановска се заблагодари на г-ѓа О’Kонор за посетата, изразувајќи задоволство од соработката што Фондацијата за демократија на Вестминстер ја има со Собранието и изрази надеж за продолжување на оваа соработка и во иднина.

Click