Активности

Понеделник, 5 ноември 2018 година

Разгледан Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 33. седница, одржана на 29 и 30 октомври и 1, 2, 3 и 4 ноември 2018 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година.

Образложение даде министерот за финансии, Драган Тевдовски. Тој истакна дека со ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на Буџетот и прилагодување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. 

Со ребалансот се обезбедуваат околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да се сервисираат значителен дел од доспеаните, а неподмирени обврски, како и дел од обврските на единките корисници кои што се основани од нив. Поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно се во функција на постигнување на повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси во НАТО и во Европската Унија. 

Во општиот претрес учествуваа пратениците: Лилјана Кузмановска, Драган Цуклев, Реџаил Исмаили, Панче Иванов,  Панчо Минов, Костадин Костадинов, Никола Мицевски, Илија Димовски, Сурија Рашиди, Кети Смилеска, Зоран Илиоски, Мира Стојчевска, Владимир Ѓорчев, Лилјана Затуроска, Јован Митрески, Жаклина Лазаревска, Самка Ибраимоски, Катерина Кузмановска и Благојче Трпевски.

Во расправата беа изнесени следните мислења, предлози, забелешки и поставени прашања:

- Проекциите врз основа на кои се проектирани приходите и расходите во предложениот ребаланс на Буџетот за 2018 година се нереални и не може да се остварат. Стапката на економски раст која беше планирана со Буџетот за 2018 година сега се намалува, но треба да се има предвид дека ММФ проектира многу пониска стапка на економски раст. Бидејќи проекциите се нереални нема да се реализираат планираните приходи и расходи. Министерот за финансии укажа дека е висок процентот на реализација на буџетските приходи во 2018 година и сè она што е планирано во предложениот Ребаланс ќе биде и остварено. Општините сите изминати години се соочуваат со проблеми по однос на исплата на долговите, но досега не беа преземени никакви мерки за решавање на овој горлив проблем. 

- Се изнесе став дека сите проекции во Буџетот за 2018 година  кои ги направи оваа Влада се промашени и не само што не се подобри состојбата на економски план, туку и се влоши.        

Министерот за финансии укажа дека економскиот раст во времето на владеење на претходната Влада реално се движел околу 0,005% , ако се исклучат вложувањата во Проектот Скопје 2014 година. Економскта активност во државата е забавена пред се како резултат на стопирање на големи проекти, кои чинат милионски суми на пари, како автопатот Кичево - Охрид, а за кои има проблематични проектни документации. Во овој краток период откако е на власт оваа Влада успеа да го намали јавниот долг и истиот целосно да го стави под контрола         

- Се истакна дека со Ребалансот на Буџетот за 2018 година определба на Владата на Република Македонија е на општините кои имаат заостанати долгови да им се помогне во исплаќање на истите. Позитивно беше оценета заложбата на Владата за решавање на проблемот со депониите во општините. Беше поздравена заложбата за завршување на активностите поврзани со изградба  на албанскиот театар во Скопје за кој се предвидени дополнителни средства во износ од 88 милиони денари. За плоштадот Скендер Бег се алоцираат дополнителни 5 милиони денари за довршување на сите  активности. Се искажа заложба државата да продолжи со гасификација на населените места се со цел да се спречи загадувањето и граѓаните да добијат поефтин енергенс за затоплување.  

- Беше нагласено дека за Буџетот кој го затекнала новата Влада немало транспарентност, како и точни податоци колку изнесува јавниот долг и државниот долг. Транспарентноста на Буџетот е она што сака да го види домашната и странската јавност како и кредиторите. Со правилната работа на Министерство за финансии е направена финансиска консолидација на Буџетот на Република Македонија за да биде ликвиден. 

- Се истакна дека со предложениот ребаланс на Буџетот се врши корекција на расходната страна со цел зајакнување на  Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и поддршка и зајакнување на општините кои се презадолжени. 

- Беше истакнато дека мерката на Владата на Република Македонија за просечна плата од 30.000 денари е предвидено да се оствари во период од четири години што е потврдено со фактот дека просечната плата оди во нагорна линија и моментално изнесува 24.210 денари. Проектот за најниската плата од 16.000 денари се остварува и се движи во нагорна линија што е добро за сите граѓани во Република Македонија. Република Македонија издаде еврообврзница со најниска стапка во историјата од 2.75% со што се зголеми интересот на инвеститорите да инвестират над 3.5 милијарди евра. Тоа докажува дека меѓународните инвеститори веруваат во перспективите на македонската економија и долгорочната финансиска стабилност на земјата. Приливите од еврообврзницата ќе се користат главно за покривање на буџетскиот дефицит но и за повисоки плати и инвестиции во образованието и здравството, поддршка на домашните и странските претпријатија, зголемување на средствата во одбраната заради приближување кон НАТО стандардите, интензивирање на капиталните инвестиции и сл. Со еврообврзница ќе бидат вратени и претходните долгови. Оваа година е решен македонско-грчкиот спор. Односите со Бугарија се релаксирани. Фактот дека наскоро Македонија ќе стане членка на НАТО придонесува за големиот број на странски инвестиции, како и подобрување на имиџот на земјата.  

Комисијата за финансирање и буџет  во рокот утврден во член 180-а од Деловникот на Собранието на Република Македонија, водеше претрес по 187 амандмани поднесени од овластени предлагачи на Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, и даде поддршка на 9 амандмани. Пратениците во текот на расправата повлекоа 15 амандмани.

Во претресот по амандманите учествуваа пратениците: Невенка Стаменковска, Диме Велковски,  Реџаиљ Исмаили, Зоран Илиоски, Жаклина Лазаревска, Хари Локвенец, Емил Димитриев, Лилјана Затуроска, Лидија Тасевска, Димитар Стевананџија, Благоја Деспотовски, Зоран Ѓорѓиевски, Горан Манојлоски, Јагода Шахпаска, Благојче Трпевски, Дафина Стојановска, Јован Митрески, Алија Камбероски, Мира Стојчевска, Трајчо Димков, Никола Мицевски, Татјана Лалчевска, Илија Димовски, Панче Иванов, Иван Иванов, Костадин Ацевски, Лилјана Кузмановска, Сашко Костов, Милева Ѓорѓиева, Костадин Костадинов, Ванковер Манчев, Слаѓана Митовска, Сашко Атанасов, Павлинче Честојнова, Ристе Ташев, Горан Милевски, Жаклина Пешевска, Анета Симеска Димовска, Панчо Минов, Димитар Стевананџија, Кети Смилеска, Благица Ласовска и Магдалена Манаскова.

  • Комисијата за финансирање и буџет, согласно одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија, го проследи Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година на натамошна постапка.

За известител на седницата на Собранието, Комисијата ја определи пратеничката Лилјана Кузмановска.

Click