Активности

Петок, 5 јули 2019 година

Размена на македонско-кинески искуства за социјални политики и осигурување

Комисијата за труд и социјална политика денеска оствари средба со Делегација за социјални развојни работи – Комисија на Националниот народен конгрес на Народна Република Кина, предводена од директорот, Хи Итинг, и членовите: Чен Сиси, Фанг Џун, Ван Џин, Џу Ханчун, а во придружба на кинескиот амбасадор во земјава, Јин Ликсиан.

Од македонска страна, со Комисијата претседаваше Слаѓана Митовска, а присутни беа и членовите: Владанка Авировиќ, Агим Шаќири, Зоран Илиоски, Горан Манојловски, Милева Георгиева, Мирсада Емини-Асани, Зеќир Рамчиловиќ и Благоја Деспотовски. Митовска изрази задоволство од средбата и надеж дека ќе е конструктивна колку што е и пријателска.

Воедно истакна дека односите помеѓу двете земји се карактеризираат со пријателство, заемно почитување и доверба, но има недостаток на конкретна содржина во сферата на економската соработка, за чиј развој во иднина земјите треба да создадат добри предуслови. 

Присутните ги споделија составот и улогите кои се во фокус на Комисиите, а беа разгледани и заедничките теми кои се од нивен интерес.

Дваесет години од воспоставување на дипломатските односи помеѓу двете земји пријателството и соработката бележат зголемување, воедно се негуваат и блиски односи на двете собранија, а оваа посета е начин да се изнајде и унапреди досегашната соработка- посочи Итинг.

Целата на оваа посета е да се запознаат со македонските социјални политики и социјално осигурување, законските регулативи, начинот на буџетирање, прашањата за безбедноста во работењето, справување и спречување на несреќи, проучат законите и приберат информации за изготвување на предлози за идните законски одлуки.

Благоја Деспотовски упати честитка до Кина за успесите на економски план последниве триесетина години, големите проекти кои ги направил кинескиот народ во полето на електро дистрибуцијата на кое мора во иднина да соработуваме.

Горан Манојловски ја истакна поврзаноста на македонскиот здравствен со социјален систем и како таков солидарен здравствен систем во државата сите граѓани имаат еднакви права во остварување на здравствените услуги.

На крајот од средбата, соговорниците се согласија дека за продлабочување на соработката потребно е да се одржуваат редовни размени и посети на сите нивоа, притоа кинеската делегација упати покана до Комисијата за возвратна посета.

Click