Активности

Понеделник, 4 јуни 2018 година

Словачкото претседателство со ОБСЕ со отворена поддршка за Република Македонија 

Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ), во состав г-ѓа Јагода Шахпаска, г-ѓа Весна Дамчевска-Илиевска и г. Реџаиљ Исмаили, оствари средба со Н.Е. Роберт Кирнаг, амбасадор на Словачката Република одговорен за подготовките на Словачкото претседателство со ОБСЕ во 2019 година.

Во воведното обраќање, претседавачката со средбата, г-ѓа Шахпаска, изрази задоволство од посетата и можноста за поддршка од една пријателска земја. Таа го потенцираше придонесот на ОБСЕ во демократизацијата на Република Македонија, во подобрувањето на меѓуетничките односи, децентрализацијата, владеењето со правото, човековите права и слободи, образованието, медиумите, како и улогата на ОБСЕ ОДИХР во набљудувањето на сите изборни процеси.

Амбасадорот Кирнаг истакна дека се инволвирани во практична подготовка, дека се тука за да слушаат и собираат информации со какви проблеми се соочува нашата земја и кои се очекувањата од претстојното Словачко претседавање со ОБСЕ, а притоа да нè поддржат на начин што нам ни одговара. Воедно, истакна дека се соочуваат со огромни предизвици за решавања на кризни и сложени прашања, меѓу кои случувањата во Украина, радикализацијата, конфликтите, безбедноста, а дека во својот фокус ќе го стават и образованието и работата со младите. 

Во дискусијата, стана збор и за спорот за името на Република Македонија со Република Грција, како кочница за евроинтегративните процеси и надеж дека што поскоро ќе се изнајде решение за оваа комплексна ситуација, кое ќе биде прифатливо за мнозинството.

Од Собраниската делегација беше изразено задовоство од веќе докажаната работата на г. Кирнаг, како поранешен амбасадор на Словачка во Република Македонија во периодот 2009 - 2013 година, неговиот пристап и начинот на поттикнување за решавање на проблемите, размислување и размена на искуства. 

На крајот, амбасадорот Кирнаг се заблагодари за средбата, која ја оцени како инспирација за нивното претседателство, за кое упати уверување дека ќе биде одговорно, дека ќе бидат објективен партнер, лидери за пример, позитивно мотивирани и искрени. 

Click