Активности

Петок, 5 јули 2018 година

Собраниска делегација на 28. Годишна сесија на ПС ОБСЕ

На 28. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што се одржува од 4 до 8 јули 2018 година во Луксембург учествува Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на ОБСЕ во состав: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата, Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови  на Делегацијата.

На Сесијата учествуваат околу 300 пратеници од 52 земји учеснички и партнери за соработка на ОБСЕ од Европа, Северна Америка, Централна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка.

На свеченото отворање на Сесијата пред пратениците се обратија: Фернанд Етген, претседател на Претставничкиот дом на Луксембург; Георге Церетели, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ; Ксавие Бетел, премиер на Луксембург и Стени Хоjер, лидер на мнозинството во Претставничкиот дом на Конгресот на САД и еден од основачите на ПС на ОБСЕ.

Претседател на Претставничкиот дом Фернанд Етген им посака на пратениците добредојде во Луксембург, земја којашто е дом на многу европски и меѓународни институции, каде што сложно живеат граѓани од 170 држави и каде што диверзитетот претставува предност, а не проблем.

Претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Георге Церетели, се осврна на потребата сите земји учеснички да работат на исполнувањето на заложбите на ОБСЕ и ја истакна улогата на парламентарците во поттикнувањето на одржливиот развој.

Премиерот Ксавие Бетел се задржа на важноста на човековите права и потребата парламентарците да го промовираат почитувањето на различноста во сите свои земји.

Конгресменот Стени Хоjер се наврати на периодот пред 28 години, кога било основано Парламентарното собрание на ОБСЕ, осврнувајќи се на потребата од зајакнување на мултилатералните институции за заштита на демократијата и значајната улога на законодавците да обезбедат подобар живот за своите граѓани.

„Успехот на ова Парламентарно собрание и, всушност, успехот на демократијата, нема да зависи од она што ние го направивме во 1991 година, туку од она што вие ќе го направите денес и во наредните години", рече конгресменот Хојер.

Трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ дискутираат за извештаите и прелог-разолуциите на тема: „Поттикнување на одржливиот развој за промовирање на безбедноста: улогата на парламентите“.

Се очекува на крајот од Годишната сесија, Парламентарното собрание на ОБСЕ да усвои „Декларација од Луксембург“, со препораки до владите и парламентите на земјите учеснички за широк спектар на прашања во полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права.

Годишната сесија е најголемиот собир на Парламентарното собрание на ОБСЕ, кое  го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click