Активности

Петок, 16 февруари 2018 година, Букурешт

Собраниска делегација на Парламентарно собрание на Медитеранот

Членови на Делегацијата од Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот, во состав: г-ѓа Теута Билали и г. Енес Ибрахим учествуваа на  12. сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот, која се одржува од 14 до 17 февруари 2018 година во Букурешт, Романија. Сесијата ја отвори г. Ливиу Драгнеа, спикер на Претставничкиот дом на Романија. На сесијата свое обраќања имаше и г. Калин Попеску-Таричеану, спикер на Сенатот на Романија. 

На оваа сесија, Сан Марино стана нова земја членка во ПС на Медитеранот и како мала церемонија за добредојде, беше повикана г-ѓа Мара Валентини, шеф на Делегацијата од Сан Марино да им се обрати на учесниците.  Темите кои се разгледаа и беа предмет на дискусија на овој настан се „Спротивставувајќи се на растечката закана од тероризам“,  „Политичките и безбедносните случувања во МЕНА регионот“, „Климатските промени“, „Човековите права и миграцијата“, „Олеснување на трговијата и поддршка на инвестициите“  и „Заштита на културното наследство“. На состаноците, беа разгледани резолуции според темите од програмата, за кои земјите членки имаа можност да поднесат амандмани, пред нивното конечно усвојување.

Темата за тероризмот беше една од најдискутираните теми на сесијата како актуелен проблем на кој треба да се посвети најмногу внимание, но и дискусија околу изнаоѓање начин како соодветно да се употребува терминот „исламски тероризам”. Повеќето учесници беа согласни дека тероризмот нема име и презиме и дека како таков доволно го означува поимот. 

Парламентарното собрание на Медитеранот е регионална меѓународна, меѓудржавна организација - набљудувач во Генералното собрание на Обединетите нации и со специфична меѓународна правна положба. Собранието игра фундаментална улога како форум, каде парламентите од регионот работат заедно за да стигнат до оние заеднички цели кои водат кон создавање на најдобрите  социјални, економски и културни политики и услови за граѓаните на неговите земји членки.

Click