Активности

Вторник, 23 јануари 2018 година

Собраниска делегација во Европскиот парламент

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: г-ѓа Теута Биљали, г. Ејуп Аљими, г. Aгим Шаќири, г. Петар Атанасов и г-ѓа Јулиана Николова, се во дводневна студиска посета на Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија.

Потпретседателот на Европскиот парламент, г-ѓа Хеиди Хаутала, срдечно ги поздрави и им посака добредојде на делегациите од Македонија, Албанија и Косово, при што напомена дека проширувањето на Европската Унија е еден од најмоќните инструменти на политиката на ЕУ. Во рамките на стратегиските интереси на ЕУ, меѓу другото се и стабилноста, безбедноста и спречувањето на конфликти. Ова овозможува зголемување на просперитетот, можностите за раст и обезбедува витални транспортни и енергетски конекции. Сегашната агенда за проширување ги вклучува земјите од Западен Балкан, така што им се дава перспектива да станат членки на ЕУ откако ќе бидат исполнети потребните услови. 

Учесниците во студиската посета остварија повеќе билатерални средби на кои разговараа и разменија искуства со: г. Кристијан Даниелсон, Директорот на Директоратот за проширување во Европската комисија; г-ѓа Каие Корк, член во Работна група за регионот на Западен Балкан од Советот на министри; г-ѓа Линда МекАван, ко-претседавач со Комитетот за поддршка на демократија и група за избори и кординација; г-ѓа Моника Луиза-Маковеј, европратеник од Романија и копретседавач на Делегацијата во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација – ЕУ и Албанија; г. Тонино Пицула, европратеник од Хрватска и копретседавач на Делегацијата за односи со Босна и Херцеговина и Косово и г. Алојз Петерле, европратеник од Словенија и копретседавач на Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација – ЕУ и Македонија. 

Исто така, средби беа остварени и со: г-ѓа Ливија Јарока, потпретседател на Европскиот парламент; г. Иво Вајгл, европратеник од Словенија и известител за Република Македонија во Европскиот парламент; г. Кнут Фленкенштајн, европратеник од Германија и  известител за Република Албанија во Европскиот парламент; г. Игор Солтес, европратеник од Словенија и известител за Република Косово во Европскиот парламент; г. Дејвид Мекалистер, европратеник од Германија и член на Комисијата за надворешна политика (АФЕТ); Елмар Брок, европратеник од Германија и член на Комисијата за надворешна политика (АФЕТ).

Главни теми на студиската посета беа: улогата на Европскиот парламент и неговотото место во институционалната рамка во Европската Унија, улогата на Европската комисија во процесот на проширувањето, активностите на Европскиот парламент во областа на демократијата и заштита на човековите права, Европскиот парламент и делегациите за односи со парламентите од Западен Балкан, резолуциите изготвени од Европскиот парламент за Република Македонија, Република Албанија и Република Косово, ИПА фондовите и други теми.

Членовите на делегациите присуствуваа и на седница на Комисијата за надворешна политика (АФЕТ) на која обраќање имаше министерката за надворешни работи од Република Бугарија, г-ѓа Екатерина Захариева, во контекст на претседавањето на Република Бугарија со Советот на Европската Унија.

Целта на студиската посета беше да се споделат искуствата на Република Македонија, Република Албанија и Република Косово во евроинтегративниот процес, како и очекувањата од Стратегијата на Европската комисија за успешна интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, која треба да биде објавена на почетокот на февруари 2018 година.

Click