Активности

Четврток, 16 ноември 2017 година

Средба на Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа со Казахстанскиот заменик-министер Василенко

Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска во Собранието оствари средба со г. Роман Василенко, заменик-министер за надворешни работи на Република Казахстан.

На средбата беа присутни шефот на Делегацијата, г. Бетиан Китев, како и членовите: г. Никола Поповски и г. Африм Гаши.

Шефот на Делегацијата, г. Китев, во своето воведно обраќање на присутните им посака добредојде од името на Делегацијата, како и задоволство што се домаќини на висока делегација на земја која се смета за еден од столбовите на стабилноста во евроазискиот регион и прва земја од регионот на Централна Азија која е избрана за непостојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации за периодот 2017 - 2018 година. 

Во однос на билатералните односи помеѓу двете земји, тој посочи дека ги карактеризираат пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за натамошно проширување, додека соработката на мултилатерален план како позитивна во континуитет, која е посебно изразена во рамките на ОН и ОБСЕ.

Казахстанскиот заменик-министер Василенко изрази задоволство од посетата, тука е со цел да се интензивира соработката помеѓу двете земји од економска и политичка димензија, како и посилна меѓупарламентарна соработка преку потикнување на групите за соработка меѓу двата парламента.

Политичките односи помеѓу двете земји се доста силни, без никакви проблеми, а економската соработка треба да се продлабочи и засили во иднина.

Заменик-министерот Василенко посочи дека Казахстан ја поддржува Македонија во заложбите за членство во ЕУ и НАТО, чијашто иднина е таму, воедно упати благодарност и за поддршката која Македонија ја дава на Казахстан во Советот на Европа во изминатиот период. 

Присутните се согласија дека средбата беше одлична можност за размена на искуства и прашања кои се битни за двете земји, како и надеж дека во иднина Владите на Република Македонија и Казахстан ќе работат во насока на продлабочување на соработката во секој можен аспект.

Click