Активности

Среда, 30 јануари 2019 година

Средба на пратениците Груби и Туфегџиќ со францускиот пратеник Федерик Петит

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби и координаторката на Клубот на млади, Ивана Туфегџиќ, остварија работна средба со Федерик Петит, пратеник од Националното собрание на Француската Република, во придружба на францускиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние.

Францускиот пратеник Петит ја потврди искрената и континуирана поддршка на Република Франција за евроатлантските аспирации на Република Македонија, при што ја потенцираше француската поддршка во контекст на наше зачленување во Европската Унија и НАТО алијансата. Франција, рече Петит, континуирано продолжува внимателно да ги следи случувањата и останува силно посветена на евроатланската интеграција на Република Македонија.

Тој дополни дека Република Франција е на страната на Македонија, а односите помеѓу политичките парти внатре во Собранието на Република Македонија се од суштинско значење за државата. Истовремено, го поздрави усвојувањето на уставните амандмани, како важен чекор на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

Пратеникот Груби се заблагодари за  поддршката на Франција за нашите евроинтегративни процеси, информира за успешно завршените задачи на почетокот на годинава, со посебен акцент на усвоените уставни амандмани, со кои се имплементираше Преспанскиот договор, со што се надмина блокадата од Република Грција за добивање на датум за почеток на претпристапните преговори со Европската Унија. Во контекст на реализацијата на реформите во владеењето на правото, кои ги бара ЕУ од нас, извести и за неодамна  усвоениот Закон за борба против корупцијата и судир на интереси, како и за повеќе закони од областа на правосудството, реформите во безбедносиот сектор и јавната администрација кои се во крајна фаза на донесување во Собранието на Република Македонија. 

Пратеничката Туфегџиќ изрази благодарност за постојаната поддршката што ја дава Француската Република за Република Македонија, напоменувајќи дека соработката ќе продолжи и во иднина на едно повисоко ниво. Франција е долгогодишен партнер поддржувајќи голем број на проекти од младинската политика во Република Македонија, рече Туфегџиќ.

На средбата беа разменети и мислења за актуелните служувања во Европската Унија, Франција, Македонија и Регионот. Исто така, беше констатирано дека на земјата ѝ претстојат  многу обврски кои ќе произлезат по почетокот на преговорите по поглавјата, при што беше истакнато дека Франција е подготвена да даде секаков вид на поддршка.

Соговорниците изразија поддршка за интензивирање на целокупната соработка на младинските организации коишто функционираат и работат во полето на промоција на младинските политики.

Click