Активности

Четврток, 7 декември 2017 година, Вашингтон

Средба на претседателот Џафери со американските конгресмени Питинџер, Адерхолд и Трот 

Во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари поединечни средби со конгресмените Роберт Питинџер, Роберт Адерхолд и Дејв Трот. 

Конгресменот Роберт Питинџер, којшто воедно е и домаќин на Парламентарно безбедносниот Форум, на почетокот на средбата истакна дека е почестен што претседателот Џафери ја прифати поканата за учество на овој значаен собир којшто е продолжение на форумот од јуни 2017 година во Рига. Во тој контекст, помеѓу другото, претседателот Џафери го информираше конгресменот Питинџер за законските измени со коишто се санкционира учеството на наши граѓани во странски воени формации. Соговорниците констатираа дека Соединетите Американски Држави и Република Македонија се наоѓаат на иста страна во борбата против тероризмот во светот. Владеењето на правото, слободата на говорот и независноста на институциите се основен фундамент за градење на здраво демократско општество интегрирано во НАТО и ЕУ. 

За време на средбата, конгресменот Адерхолд, кој е член на американската конгресна група пријатели на Македонија, се интересираше за општиот политички дискурс по трансферот на власта. Претседателот Џафери детално му ја претстави севкупната ситуација и приоритетите на Република Македонија во однос на исполнувањето на неопходните реформски процеси. Притоа, претседателот на Собранието истакна дека евроатланските вредности мора да се вградат во ткивото на општествениот живот во Република Македонија, бидејќи тоа е за доброто и благосостојбата на граѓаните. 

Третата средба во Конгресот беше со копретседавачот со конгресната група пријатели на Македонија, г. Дејв Трот, кој неодамна ја посети Република Македонија во рамките на неговата европска турнеја. Во однос на полноправното членство на Македонија во НАТО, конгресменот Трот  истакна дека конгресната група на пријатели на Македонија ќе продолжи да дава поддршка со сите средства и начини кои ги има на располагање. 

Сите соговорници се согласија дека овие искрени и пријателски средби придонесуваат во зајакнувањето на соработката на Република Македонија со САД на парламентарно ниво. 

Click