Активности

Четвтрок, 6 декември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со Делегација од Германскиот Бундестаг 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, заедно со генералниот секретар на Собранието на Република Македонија, г-ѓата Цветанка Иванова, денеска остварија средба со членовите на Комисијата од Бундестагот на Сојузна Република Германија за избор на стипендисти од Република Македонија за ИПС програмата. На средбата присуствуваа германскиот пратеник, г. Штефан Албани и членовите на комисијата д-р Андеас Трампе од администрацијата на Бундестагот, како и проф. д-р Елмар Кулке, Декан на Хумболт Универзитетот во Берлин.

Во своето излагање, претседателот на Собранието на Република Македонија г.Талат Џафери изрази големо задоволство за реализацијата на парламентарната стипендија ИПС на Бундестагот, со што директно се придонесува младите луѓе да станат мост меѓу парламентите, а воедно и учесници во реформите неопходни за евроинтеграциските процеси. Развивањето на парламентарна соработка со Бундестагот на сите нивоа е од исклучително значење за Собранието на Република Македонија, особено помошта преку експертиза во однос на улогата на Собранието во преговорите за членство во ЕУ, истакна претседателот Џафери. 

Тој ги информираше присутните за процесот на уставни измени, кои произлегуваат од Договорот потпишан меѓу Република Македонија и Република Грција и нивното заокружување на почетокот на следната година за членство во НАТО, како и за реформските процеси кои произлегоа од Планот 3-6-9 и процесите кои претстојат во рамките на Планот 18 за отпочнување на преговори за членство со Европската унија.  

Господин Штефан Албан го искажа своето воодушевување од квалитетот на кандидатите кои се пријавуваат од Република Македонија за парламентарната стипендија во Бундестагот и нивната желба да се вратат и своите искуства и знаења да ги пренесат во својата земја. Во однос на евроинтеграциските процеси, како член на Работната Група за Западен Балкан и Парламентарната група за пријателство за односите со Југоисточна Европа, каде спаѓа и Република Македонија, ја искажа нивната целосна поддршка на сите преземени чекори во изминатиот период во насока на унапредување на евроатлантските аспирации на земјата, особено на Договорот потпишан со Република Грција и неговото целосно спроведување. Албани ја понуди целосната поддршка и помош за колегите од Собранието на Република Македонија на тој пат.

Присутните се согласија дека соработката треба да се интензвира на сите нивоа, особено на ниво на парламентарните комисии, но и на ниво на поддршка и помош за парламентарната администрација, преку конкретна размена на мислења и искуства за поглавјата по отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ. 

Click