Активности

Четврток, 30 ноември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со министерот за одбрана на Црна Гора, г. Предраг Бошковиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со министерот за одбрана на Црна Гора, г. Предраг Бошковиќ, кој престојува во дводневна официјална посета на нашата земја. 

Посакувајќи му добредојде на гостинот, претседателот Џафери истакна дека интензивирањето на меѓусебните посети на високо ниво ја покажуваат силната политичка волја на двете страни за продлабочување на севкупните билатерални односи и претставуваат пример во регионот за успешна билатерална соработка. 

Претседателот на Собранието упати честитки за полноправното членство на Црна Гора во Северноатлантската алијанса и истакна дека токму споделувањето на радоста за успехот на Црна Гора беше причината што првата официјална посета по неговиот избор на таа функција да биде на Подгорица. 

Претседателот Џафери ја истакна важноста на регионалната соработка и нагласи дека Република Македонија и Црна Гора активно учествуваат на различни регионални форуми и центри, кои содржат и одбранбена и воена компонента. 

Министерот Бошковиќ потенцираше дека Црна Гора, како најнова членка на НАТО, помина долг и напорен пат на реформи за исполнување на потребните критериуми, со цел да покаже дека е кредибилен партнер на Алијансата. 

Тој истакна дека, членството на Република Македонија во НАТО ќе влијае врз стабилноста на целиот регион и дека поради тоа Црна Гора ќе биде нашиот најголем поддржувач на тој пат. Исто така, се заложи дека ќе ја искористи секоја прилика да укаже дека проширувањето на Алијансата во регионот на Западен Балкан не е сè уште завршено. 

Двајцата соговорници ја оценија соработката во областа на одбраната како многу успешна, особено во областа на едукацијата на питомците и обуките за пилоти на хеликоптери. 

Претседателот Џафери даде осврт и на актуелната политичка состојба во Република Македонија и на неодамна спроведените локални избори. 

Click