Активности

Среда, 17 мај 2017 година

Средба на претседателот Џафери со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-ѓа Нина Суомалаинен 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-ѓа Нина Суомалаинен.

Амбасадорката Суомалаинен му го честита на г. Талат Џафери изборот за претседател на Собранието на Република Македонија и изрази уверување за понатамошна плодна соработка. Нагласувајќи дека Мисијата на ОБСЕ е присутна во земјава од 1992 година, таа истакна дека во последниот период, покрај клучните приоритети кои произлегуваат од нејзиниот мандат, Мисијата будно ги следи политичката состојба и случувањата во земјата.

Таа потсети дека уште на 27 април 2017 година претседавачот и генералниот секретар на ОБСЕ силно го осудија нападот на Парламентот, а веќе следниот ден следеше и заедничка изјава на шефовите на Делегацијата на ЕУ, Американската амбасада, Мисијата на ОБСЕ и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје во врска со инцидентите.

Претседателот, г. Талат Џафери, изрази благодарност за поддршката на Мисијата на ОБСЕ во развојот на демократските процеси во земјата. Нагласувајќи дека немилите настани од 27 април не би смееле да се повторат во иднина, тој оцени дека експертизата на ОБСЕ би била мошне корисна во споделувањето на најдобрите практики во врска со воспоставувањето на внатрешното обезбедување на парламентите. Истовремено, г. Џафери го повтори своето уверување дека Собранието мора да биде максимално отворено и кооперативно со граѓаните, со невладиниот сектор и со медиумите. 

Соговорниците разменија мислења и за идните активности на Собранието на Република Македонија, пред сè за изборот на нова влада како израз на парламентарното мнозинство и формирањето на собраниските комисии, делегации и пратенички групи за соработка. Во врска со актуелната состојба поврзана со претстојните локални избори, претседателот г. Џафери информираше за координацијата одржана со лидерите на политичките партии, на којашто било договорено изборите да се одржат во првата половина на месец октомври, како и за чекорите кои треба да ги преземе Собранието на Република Македонија до распишувањето на изборите.

На крајот од средбата г. Џафери и г-ѓа Суомалаинен се осврнаа на улогата на Парламентарното собрание на ОБСЕ, во чии што активности Собранието на Република Македонија редовно учествува и го нагласија неговиот витален придонес во олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка. 

Click