Активности

Петок, 16 март 2018 година 

Тероризмот е заедничко зло и заеднички треба да се победи 

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија оствари средба со висока делегација на Европската Унија, предводена од г. Педро Серано, заменик-генерален секретар за заедничка безбедносна и одбранбена политика, во чиј фокус беше зајакнувањето на соработката во борбата со глобалното зло - тероризмот и радикализмот.  

Учество на средбата зедоа претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, г. Хари Локвенец; заменик-претседателот, г. Илија Николовски; членовите: г. Горан Мисовски, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, г. Џевад Адеми, г. Иван Иванов и г. Реџеп Мемеди, како и пратеникот г. Агим Муртезанов.

На почетокот на средбата, претседателот Локвенец даде една ретроспектива на плодната соработка меѓу Република Македонија и Европската Унија, остварените средби, состаноци, програми, стратегии, планови, активности, што беше вовед во една квалитетна дискусија за едно така важно прашање како одбраната и безбедноста.

Високите гости позитивно ги оценија реформските процеси, притоа искажувајќи благодарност за учеството на Република Македонија во мировните мисии, како и за придонесот во соочувањето со миграциската криза. 

На полето на одбраната, безбедноста и стабилноста, нашата земја се однесува како да е дел од ЕУ и НАТО и така и ќе продолжи во иднина, затоа што глобалниот мир е во заеднички интерес. 

Континуираната ЕУ поддршка е од особена важност за нас, како мала земја, со недоволно ресурси и капацитети. Бидејќи влијанието е силно, се јавува потребата од зајакнување на капацитетите, построги механизми, поголеми финансии во областа на одбраната и безбедноста, зголемена внимателност на границите и обраќање повеќе внимание на локалните борци, оние кои не се поврзани, туку инспирирани, како и на финансирањето кое стигнува за ваквите групации преку разни канали. Инвестирањето во образованието и културата е од клучно значење, вработувањето исто така. 

Беше потенцирано значењето на улогата на Парламентот во донесувањето и имплемантацијата на законите и неговата надзорна функција. 

Република Македонија ги следи сите директиви од ЕУ - препораки, мерки, процеси, резолуции. Во Собранието постои согласност за донесување законски акти против секаков вид насилство. Сите пратеници, без разлика на која партија припаѓаат, се дел од овој фронт против екстремизмот, тероризмот и радикализмот и заедно со ЕУ оваа битка треба да се добие. Тероризмот не познава граници, религии, култури, тој е заедничко зло и затоа треба заеднички да го победиме. 

Click