Активности

Четврток, 25 јануари 2018 година      

Трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Третата седница одржана на 24 јануари 2018 година, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2018 година;
  2. Предлогот на Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и годишиот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2018 година.

Воведно образложение по горенаведените Предлози даде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, г. Димитар Петров.

По Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2018 година тој истакна дека согласно член 34 од Законот за енергетика и член 8 од Законот за утврдување на цени на водните услуги, Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија најдоцна до 1 октомври од тековната година, до Собранието на Република Македонија го поднесува за усвојување предлогот на финансискиот план за наредната година. Предлог- финансискиот план за 2018 година ги содржи сите предвидени приходи за 2018 година како и детален преглед на расходите за извршување на надлежностите на РКЕ. Приходите се утврдени врз основа на наплата на годишните надоместоци од носителите на компаниите кои што извршуваат енергетски дејности и зафаќање од вкупниот приход на компаниите кои извршуваат дејности во делот на снабдување со вода за пиење, сурова вода, одгледување и собирање на водите како и прочистување на водите.  Деталниот преглед на расходите ги прикажува платите на вработените, вклучително и за вработените  во второстепената комисија за прашања од областа на енергетиката, како и сите материјални трошоци за извршување на дејноста на РКЕ. Со оглед на тоа што Предлог-финансискиот план на РКЕ за 2017 година беше одобрен од страна на Собранието на Република Македонија во ноември месец 2017 година, значаен дел од средствата предвидени во одредени ставки се префрлени во Предлог-финансискиот план на РКЕ за 2018 година. Во најголем дел од предвидените ставки износите на средства се на истото ниво како и за 2017 година, освен кај неколку ставки кај кои е предвидено зголемување. Во делот на платите и надоместоците од плати, заради зголемување на надлежностите во делот на обврските за утврдување на цените на водните услуги, предвидени се 10 нови вработувања бидејќи Секторот за водни услуги сеуште не е формиран и поради тоа постои зголемување на износот предвиден за плати на вработените. Во делот на материјалните расходи предвидено е зголемување на средствата во износ од 3% во споредба со 2017 година. Во делот на други материјални расходи предвидено е зголемување за 5% во однос на 2017 година поради препораките од Енергетската заедница за зголемување на соработката со регионалните регулаторни тела. Во делот на капитални и други средства предвидено е зголемување за 19% во споредба со 2017 година заради набавка на информатичка опрема, софтвер и софтверски лиценци.

Во претресот учествуваа пратениците: Горан Милевски, Анета Симеска-Димоска  и Реџаиљ Исмаили.

Врз основа на расправата, Комисијата, со шест гласа „за“ заклучи да му предложи на Собранието да го усвои следниов заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и усвои Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2018 година.
  2. Овој заклучок заедно со Извештајот на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за економија и Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Додека во однос на Предлогот на Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и годишиот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2018 година, г. Петров истакна дека процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности и годишиот приход на давателите на водни услуги остварен од давање на водни услуги за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2018 година е проектиран на 0,0497%. 

На крајот од расправата, Комисијата, со шест гласа „за“ заклучи да му предложи на Собранието да ја разгледа и донесе Одлуката.

Click