Активности

Петок, 25 јануари 2019 година

Триесет и втора седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Собранието на Република Македонија, на 32. седница, како матично работно тело, ги разгледа Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2019 година и Годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2019 година.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор присуствуваше директорот Боре Еркечов, а Годишната програма ја образложи членот на Управниот одбор Сејдин Абази.

Во дискусијата, покрај Абази, учествуваа и пратениците: Благоја Деспотоски, Диме Велковски, Слаѓана Митовска, Костадин Ацевски и Горан Милевски. Беше истакнато дека сликата за развојот на државата и економијата, е развојот на железничкиот сообраќај, и токму затоа мора да се работи во таа насока. 

Сејдин Абази информира дека сите укажувања ќе бидат составен дел од дополнителниот материјал кој ќе се достави до почетокот на пленарната расправа по Годишната програма, закажана за 28 јануари 2019 година. 

Комисијата, со 6 гласа „за“ и 3 „против”, му предложи на Собранието да донесе одлука за одобрување на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2019 година.

Во однос на Годишната програма за работа на Агенцијата за Пошти за 2019 година, образложение даде директорката на истата, Билјана Аврамоска-Ѓореска, која истакна дека Агенцијата за пошти, согласно Законот, е самостоен и независен правен орган, со утврдени надлежности согласно Законот. Во дискусијата се вклучија и пратениците Невенка Стаменковска и Благоја Деспотоски.

Комисијата едногласно му предложи на Собранието на Република Македонија да донесе одлука за одобрување на Годишната програма за работа на Агенцијата за Пошти за 2019 година.

Click