Активности

Четврток, 21 декември 2017 година

Учество на собраниска делегација на Парламентарен форум во Виена

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав г. Горан Милевски, претседател на Комисијата за економски прашања и г. Хари Локвенец, член на Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија учествуваше на состанок на тема: „Предизвици за безбедно енергетско снабдување во регионот на Енергетската заедница“ во организација на Енергетската заедница и на Парламентарниот форум за Југоисточна Европа на тема: „Енергетска ефикасност и клима“ во организација на Германското здружение за соработка кои се одржаa на 19 и 20 декември 2017 година во Виена, Австрија.

Покрај претставниците од Собранието на Република Македонија, на состаноците  учествуваа и претставници од парламентите на земјите членки на Енергетската заедница и повеќе експерти.

На состаноците беа разгледани повеќе прашања од областа на енергетската политика и заштитата на животната средина меѓу кои презентација на Извештајот на Парламентарниот пленум за безбедност во енергетското снабдување и Програмата за работа на Енергетската заедница во 2018 година, енергетскиот патоказ на Европската унија до 2050 година, значењето на енергетската ефикасност за развојот на националните економии, импликациите од Договорот од Париз за климатски промени и за технолошките решенија за користење на обновливите извори на енергија.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, г. Јанез Копач, во своето излагање го претстави степенот на имплементација на Третиот енергетски пакет од страна на договорните страни на Енергетската заедница. При тоа тој истакна дека сите земји во текот на 2017 година посветиле поголемо внимание на одржливост на енергетскиот сектор и дека најголем напредок е направен во транспонирање на Директивата за обновливи извори, но сепак е постигнат незадоволителен напредок во делот на прекуграничната соработка и интеграцијата, вклучително и со соседните земји членки на Европската унија. Исто така, од негова страна беа презентирани активностите на Парламентарниот пленум во текот на 2018 година.

Click