Активности

Петок,  23 февруари 2018 година, Виена

Учество на собраниска делегација на Зимската сесија на ПС ОБСЕ 

Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС на ОБСЕ), ја одржа својата редовна Зимска сесија на 22 и 23 февруари 2018 година во Виена, Австрија, во која учествуваа над 240 парламентарци од 53 земји учеснички и четири земји партнери на ОБСЕ. На оваа сесија од Собранието на Република Македонија учествуваа г.  Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата, г-ѓа Јагода Шахпаска, член и г. Фадил Зендели, заменик-член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. 

Во рамките на Седумнаесеттата зимска сесија беа одржани: седница на Постојаниот комитет на ПС на ОБСЕ, одделни седници на Постојаната комисија за политички прашања и безбедност во која се дискутираше за Koнтрола на оружјето, разоружувањето и непролиферација: предизвици и можности за регионот на ОБСЕ, Постојаната комисија за економски прашања, наука, технологија и животна средина во која се дискутираше за Климатска криза: Развивање на долгорочни стратегии за справување со климатските промени и нејзините глобални последици и Постојаната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања во која се дискутираше за Поддршка на демократијата во ера на 'лажни вести'.

Во дебатата на Постојаната комисија за демократија, човекови права и хуманитарни прашања за Поддршка на демократијата во ера на 'лажни вести' учествуваше и г-ѓа Јагода Шахпаска, член на Делегацијата, која меѓу другото наведе дека лажните информации (дезинформации), гласини и пропаганда е појава која има подолготрајно присуство, а во последниот период е особено засилена во ситуации на нагласен политички дискурс, и впечатливо е застапена во предизборни кампањи во земјите. Потоа, таа додаде дека во сегашноста „изворите“ на овие видови информации ги користат новите интернет и телекомуникациски технологии за нивно брзо ширење преку социјалните мрежи и интернет портали. Дополнително, дистрибуираните вести се од непотполни или нецелосно проверени извори на информации, коишто обично се „нудат“ без претходна проверка на точноста (во некои случаи и намерна), или без уредувачка контрола (со намера или заради недостиг на професионални капацитети). Опасноста се зголемува и со фактот на намерно, манипулативно толкување на ставови заради постигнување на определен ефект во јавноста. Во една демократија, обичните граѓани и оние кои носат политички одлуки, повеќе или помалку се согласуваат за тоа каква е реалноста. Лажните вести можат да го нарушат овој консензус. Особено што обичните граѓани тешко можат да ја препознаат и разграничат лажната од вистинската вест, пропагандата од транспарентноста и информираноста. Тоа може да предизвика сериозни последици и нарушување во функционирањето на општествените демократски процеси. Во врска со состојбите со лажните вести во нашата земја, таа истакна дека во изминатиот период на политичка криза во Република Македонија беше зачестено присуството на лажни вести, користење на говор на омраза и пропаганда што резултираше со поделби во македонското општество.  

Кај нас постои отвореност и подготвеност за поширока дебата за ова прашање. Особено треба да се внимава да не се прекрши правото на слободата на користење на извор на информации, слободата на говор и изразување со мерки и активности кои можат да бидат квалификувани како цензура. 

Во врска со механизмите за уредување на оваа сфера, таа ги информираше учесниците дека во Република Македонија сè уште нема законска регулатива за 'лажните вести'. Таа додаде дека во нашата земја постои едно невладино тело, Совет на етика во медиумите, кои ја следат работата на медиумите и укажуваат на неправилности во нивната активност, но тоа завршува тука.

Според нив, за надминување на овој проблем, потребни се две работи: - саморегулација на самите медиуми и - подигнување на медиумската писменост на граѓаните.

На крајот таа заклучи дека Република Македонија, како држава, се залага за промовирање и поддржување на истражувачкото новинарство и зголемување на професионализмот во новинарството, државните, но и сите други актери вклучени во јавното информирање, во согласност со домашни и меѓународни законски обврски и нивните јавни должности, треба да  даваат вистинити и веродостојни информации за сите прашања од јавен интерес, со цел да се намали просторот за дезинформации и ширење на невистинити или непотполни информации.

Господин Владимир Ѓорчев и г-ѓа Јагода Шахпаска учествуваа и на состанокот на  „Silk Road Support Group” („Групата за поддршка на Патот на свилата") на ПС на ОБСЕ што се одржa на 22 февруари 2018 година, во својство на членови на оваа група од Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на ОБСЕ.

На учесниците на оваа сесија им се обрати г. Георге Церетели, претседател на ПС на ОБСЕ, г. Томас Гремингер, генерален секретар на ОБСЕ, г. Филипо Ломбарди, претседател на Ад-хок Комитетот за миграција.

Click