Активности

Четврток, 1 ноември 2018 година

Усвоен извештајот од теренските посети на Комисијата за култура

Комисијата за култура на денешната седница го усвои Извештајот од Работната група за посета на институциите од областа на културата во Република Македонија, како резултат на својата повеќемесечна активност.

Работната група беше основана со цел директно запознавање со состојбите во кои се наоѓаат институциите од културата, непосредна соработка со нив, воочување на проблемите со кои се справуваат и изнаоѓање начини за надминување на истите.

Во периодот од февруари до јули 2018 година Работната група изврши посета на десет институции од областа на културата и тоа: Музејот на современата уметност, Музејот на Македонија, Кинотека на Македонија, Археолошкиот музеј, Националниот конзерваторски центар, Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Македонска опера и балет, Национална галерија на Македонија, Музејот на албанската азбука и Завод и музеј - Битола.

Сите посетени институции ја поздравија иницијативата за директна соработка со пратениците од Собранието на Република Македонија и изразија подготвеност за соработка со Комисијата за култура во иднина.

Воочените состојби од терен како и мислењата од раководните лица на институциите посочени за време на остварените средби ќе бидат земени предвид при носењето на идните закони, особено на Законот за остварување на јавниот интерес во културата.

Претседателката Ирена Стефоска, како и пратеничката Никица Корубин, истакнаа дека активностите на Работната група нема да застанат со усвојувањето на овој Извештај, туку дека Работната група и во иднина ќе продолжи со своите активности. Досега беа посетувани институциите од областа на заштита на културното наследство, а во иднина ќе се посетуваат и останатите институции по одделни области.

Click