Активности

Понеделник, 8 јули 2019 година

Усвоена „Декларацијата од Луксембург“ за крај на Годишната сесија на ПС ОБСЕ

Со усвојување на „Декларацијата од Луксембург“, денеска во Луксембург заврши 28. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, на која учествуваше Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Владимир Ѓорчев, шеф на Делегацијата; Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили, членови  на Делегацијата.

Во декларацијата е содржан широк спектар препораки за прашања од полето на политиката, економијата, животната средина и човековите права, кои се упатени до ОБСЕ и владите на земјите учеснички.

Шефот на Делегацијата, Владимир Ѓорчев, учествуваше во дебатата по Предлог-резолуцијата „Предизвиците поврзани со враќањето и релокацијата на странските терористички борци“. Тој изрази загриженост во врска со терористичките напади и насилниот екстремизам во регионот  на ОБСЕ и оцени дека образованието е клучен фактор во процесот на дерадикализација. Нагласувајќи дека државите имаат примарна одговорност во превенцијата и борбата против тероризмот и екстремизмот што води кон тероризам, тој се заложи за продлабочување на меѓународната соработка на овој план, со активно учество на сите земји учеснички во ОБСЕ и релевантните меѓународни и регионални организации. Пратениците од ПС на ОБСЕ, според Ѓорчев, треба да продолжат со своите меѓународни активности со цел усогласување на законодавството и политиките, како и споделување на најдобрите практики за справување со предизвиците што произлегуваат од враќањето и релокацијата на странските терористички борци.

Ѓорчев посочи дека феноменот на странските терористички борци не ја заобиколи  нашата земја и информираше за последните законски измени што ги усвои Собранието во врска со ова прашање.

Во рамките на Годишната сесија се одржа генерална дебата на тема: „Поттикнување на одржливиот развој за промовирање на безбедноста: улогата на парламентите“.  Во дебатата учествуваа повеќе од 70 пратеници, меѓу кои и пратеничката Јагода Шахпаска. Во своето обраќање, таа посочи дека Република Северна Македонија уште во 2010 година усвои Национална стратегија за одржлив развој, а беше формиран и „Национален совет за одржлив развој“, како советодавно тело, во кое, меѓу другите, членуваат и двајца пратеници од Собранието на Република Северна Македонија. Таа нагласи дека парламентарците треба да направат сè што е во нивна моќ да се поттикне одржливиот развој, преку соодветна правна рамка и надзор над владините активности, националните и глобалните политики, со цел за промовирање на безбедноста.

Јагода Шахпаска се осврна на состојбата во земјата и на двата клучни договора кои Република Северна Македонија ги потпиша со Бугарија и Грција, за кои оцени дека претставуваат историска пресвртница во билатералните односи во Регионот. Во врска со евроатлантските интеграции, таа информираше за динамиката на ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО од страна на националните парламенти и очекувањата до крајот на годинава земјава да стане 30-та членка на НАТО.

Шахпаска се задржа на Извештајот од Европската комисија во кој беше дадена безусловна препорака за почетокот на преговорите со ЕУ, како и заклучоците на Советот на министрите на ЕУ, во кои се доби признание за достигнувањата и јасна потврда за спроведените реформите. Токму затоа граѓаните очекуваат Република Северна Македонија што поскоро да добие датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Отворањето на преговорите за пристапување во ЕУ, според Шахпаска, ќе преставува гаранција за одржување на домашната стабилност и за продолжување на реформскиот импулс во Северна Македонија, што ќе има позитивни ефекти за целиот регион.

На Сесијата, за претседател на ПС на ОБСЕ по вторпат беше избран Георге Церетели, пратеник од Грузија. Беа избрани и три потпретседатели на Парламентарното собрание, како и претседатели, потпретседатели и известители на трите генерални комисии. Роберто Монтела беше реизбран за генерален секретар на Собранието, со мандат од пет години.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите на ОБСЕ во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

Click