Активности

Четврток, 20 јуни 2019 година

“ВИДУВАЊАТА НА БЕРЛИН И ПАРИЗ ОКОЛУ ДОЛГОРОЧНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА” НА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ

На седницата на Националниот совет за евроинтеграции свои обраќања имаа Н.Е. Томас Герберих, амбасадор на Сојузна Република Германија и Н.Е. Кристиан Тимоние, амбасадор на Република Франција. На седницата присуствуваа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи, членови на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, претставници на граѓански организации како и амбасадори на земји-членки на ЕУ во Република Северна Македонија.

Во обраќањето на денешната седница германскиот амбасадор Томас Герберих истакна „ Лично сум убеден дека уште оваа година ќе може да има само една одлука, тоа е да се започнат пристапните преговори со Северна Македонија, согласно со препораките на Европската комисија. Прашањето не гласи повеќе дали, туку кога тоа ќе се случи”. Сега е потребно продлабочување на реформскиот процес, сите делови од општеството да се вклучат во процесот на интеграцијата и да соработуваат заеднички со цел секој граѓанин да ги почувствува резултатите. 

Во обраќањето францускиот амбасадор Кристиан Тимоние истакна дека земјата успеа да направи голем чекор напред што е забележано и во Извештајот на Европската комисија, и нагласи дека поради политички дебати или политички маркетинг често фокусот е на прашања со датуми, кои можеби не се толку од суштинско значење. Претстои уште многу напорна работа, но има и работи кои Европската унија треба да ги заврши, да ја обнови својата рамка и да биде спремна да ги пречека земјите од Западен Балкан. “Ние сме убедени дека вашето место е во ЕУ и повеќе инсистираме на добро организирана појдовна точка и почеток на преговорите и сакаме на општеството да му испорачаме позитивни сигнали” истакна амбасадорот Тимоние и повика во наредните месеци до есента да се испорачаат дополнителни докази за нашиот капацитет за реформите за да може квалитетно да се отворат преговорите со ЕУ. 

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г.Бујар Османи, се осврна на постигнувањата во исполнувањето на политичките и економските критериуми и истакна дека нашата држава предничи во однос на другите земји од регионот. Одлуката за датумот за почеток на преговорите е одложена до октомври од технички причини, во заклучоците од Советот за општи прашања на ЕУ видлива е консензуалната волја на сите земји-членки на ЕУ дека Република Северна Македонија треба да ги отвори преговорите. 

За претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г.Никола Поповски присутни се две клучни пораки: едната од Берлин која вели „да“ за членство но не веднаш, и другата порака од Париз која вели „да“ за членство но не вака - прво мора да се реформира Европската унија. Фокусот  треба да биде помалку на донесување или менување на законите, повеќе имплементација на законите, помалку маркетинг, повеќе реформи во праксата.  Пристапувањето во ЕУ ќе биде многу долг пат, и за тоа треба сите да бидат свесни. Доколку нема конкретна одлука за датумот за почеток на преговорите, фрустрацијата ќе расте, а довербата кон ЕУ ќе опаѓа.

Потпретседателот на Советот г-ца Ивана Туфегџиќ во дискусијата се осврна на младите луѓе, и укажа дека во заклучоците на Советот на ЕУ стои и справувањето со “одливот на мозоци” и создавање на позитивна економска перспектива за младите луѓе од Западен Балкан. Одговорноста за ова е кај властите и опозицијата во земјите од Западен Балкан, но одговорност има и Европската унија бидејќи сите истражувања покажуваат дека младите го врзуваат својот останок со реална и кредибилна перспектива.

Во дебатата на седницата учествуваа: г. Антонијо Милошоски член на Советот, г. Илија Димовски член на Советот, г-ѓа Снежана Калеска Ванчева заменик-член на Комисијата за европски прашања, г. Бојан Маричиќ од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и г. Драган Георгиевски претставник од Католичката црква.

 стенографски белешки         записник




Click