Активности

Понеделник, 1 април 2019 година

Во Загреб усвоен документот за „Интегрирањето на Република Северна Македонија во ПС на НАТО и преглед на ратификациите на Пристапниот протокол“

На покана од ПС на НАТО, на состанокот на Постојаниот комитет, што  се одржа на 30 и 31 март 2019 г. во Загреб, Република Хрватска, учествуваше Весел Мемеди, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија и заменик-шеф на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО.  

На состанокот се разгледаа и усвоија финансиските извештаи од работењето на ПС на НАТО за фискалната 2018 година и извештајот за балансираната родова застапеност во телата и органите на ПС на НАТО. Беа презентирани предлозите за изменување и дополнување на Деловникот на ПС на НАТО, кои предвидуваат повеќе квалитативни измени во однос на подобрување и прецизирање на деловничките одредби во функција на зајакнување на улогата на ПС на НАТО, работата на комитетите и поткомитетите, значењето на документите кои ги усвојува Собранието и релациите НАТО-ПС на НАТО.  

Како посебна точка од Дневниот ред беше разгледан и усвоен документот за „Интегрирањето на Република Северна Македонија во ПС на НАТО и преглед на ратификациите на Пристапниот протокол". Претседателката на ПС на НАТО, Медлин Мун, даде краток осврт на нашиот претпристапен процес, при што ја истакна подготвеноста на ПС на НАТО што поскоро да го интегрира Собранието на Република Севрна Македонија во своите редовни активности.

Согласно Деловникот и популациониот принцип, беше предложено на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПС на НАТО да ѝ се доделат три места за членови и три места за заменик-членови, што беше едногласно усвоено. Годишната котизација за нашето Собрание ќе биде дополнително определена, бидејќи таа е во тесна корелација со процентуалниот придонес на државата во целина кон НАТО, согласно БДП и бројот на население. 

Беше разгледан и Прегледот на ратификациите на Пристапниот протокол од страна на земјите-членки на НАТО, при што од страна на парламентарците беше поздравена забрзаната динамика на овој процес, кога во временски интервал од 6 седмици се реализираа 9 ратификации.  

Потпретседателот Мемеди во своето обраќање се заблагодари на пријателскиот однос и поддршката што ПС на НАТО ја дава кон Собранието на Република Северна Македонија и ја истакна подготвеноста на нашата делегација активно и конструктивно да учествува во активностите на ПС на НАТО за да се надомести изгубеното од минатите години. Притоа, апелираше до своите колеги во своите национални парламенти да ја пренесат нужноста од што побрза ратификација на Пристапниот протокол, за да може да се финализираат и очекувањата и на генералниот секретар на НАТО и на сите сојузници, Република Северна Македонија да стане 30-та членка на НАТО до крајот на оваа година, кога Алијансата прославува 70 години од своето постоење. 

Во овој контекст, Делегацијата на Италија информираше дека го започнува процесот веќе на 4 април, кога Пристапниот протокол ќе биде разгледан на Комисијата за надворешна политика на Италијанскиот парламент. СР Германија ќе го заврши процесот пред летните одмори, Канада пред 21 јуни, а Латвија многу скоро. Полска се очекува да го ратификува на 3 април, во присуство на собраниска делегација предводена од потпретседателот Весел Мемеди. 

На отворањето на состанокот на учесниците им се обрати Андреј Пленковиќ, премиер на Република Хрватска, кој посвети 30 минути за одговарање на прашања од парламентарците, кои најмногу се интересираа за интегративната и иницијативната улога на Република Хрватска во НАТО и Европската Унија на земјите од Западен Балкан, потоа за влијанијата на Русија и Кина во регионот на Западен Балкан, за визијата како да се надминат преостанатите отворени прашања меѓу соседите, според примерот на Република Северна Македонија и Република Грција.    

Потпретседателот Мемеди оствари и кратки разговори со хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, при што се заблагодари на брзата ратификација на Пристапниот протокол. Соговорниците ги констатираа извонредните билатерални односи меѓу двете држави и се заложија за нивно натамошно продлабочување и развивање, како на меѓудржавно ниво, така и на ниво на зајакната соработка во мултилатералните меѓународни организации.  

Во рамките на Програмата, беше организирано и свечено одбележување на 10-годишнината од членството на Република Хрватска во НАТО, во присуство на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на Хрватскиот сабор Гордан Јандроковиќ. 

Учество на состаноците на Постојаниот комитет е резервирано само за шефовите и заменике-шефови на парламентарните делегации на земјите-членки на НАТО, на кои се одлучува за важни прашања од работата на ПС на НАТО меѓу две редовни сесии, а според тежината на документите и одлуките што се усвојуваат, овие состаноци имаат значење на мини пленарна сесија. Во светло на нашето зачленување во НАТО, Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО за состанокот во Загреб доби покана за прв пат да учествува во работата на Постојаниот комитет. 

Click