Активности

Вторник, 7 ноември 2017 година

Воспоставување регионална мрежа на Комисиите за европски прашања

Денеска и утре се одржува работилница која ја организира Организацијата за меѓународна соработка (ГИЗ) од Германија, чиј домаќин е Собранието на Република Македонија. На семинарот учествуваат претставници на Комисиите за европски прашања од Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија, Босна, Косово и Албанија.

Целта на работилницата е да се воспостави една регионална мрежа на Комисиите за европски прашања, за да продолжи поуспешно и поисполнително понатамошната соработка.

На работилницата присуствуваа претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби и генералната секретарка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Цветанка Иванова.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби во своето обраќање, меѓу другото, истакна дека ваквите работилници се особено значајни имајќи ја предвид можноста, учесниците, како службеници, да се сретнат и да дискутираат одблизу за сите предизвици кои ги делат, како дел од административната поддршка на Комисиите за европски прашања. Според него, интеграцијата на земјите од Западен Балкан кон Европската унија не претставува лесен процес, проследен е со многу предизвици и пречки кои бараат многу енергија за надминување. Потребна е политичка волја, но и административна спремност и стручност за да се добие квалитет за овој процес.

„За една ваква широка област како што е Европската унија, мора да постојат служби во Парламентот кои ќе можат да ја следат динамиката на процесот, но и барањата на пратениците. Потребни се изготвувања на анализи, анкети и различни документи, подготвување на седници и други проекти. Затоа Вие како службеници сте важна алатка која мора да функционира заедно во една блиска соработка со пратениците. Помошта од меѓународните организации и другите невладини организации е добредојдена и во голема мера ќе го зајакнат капацитетот и на службите, но и на пратениците“, истакна г. Артан Груби, при отворањето на работилницата.

Генералната секретарка, г-ѓа Цветанка Иванова, во своето обраќање го поздрави  Проектот на ГИЗ за зајкнување на административниот капацитет на државната администрација, во рамките на кој е предвидена и оваа  „Регионална работилница за секретарите на комисиите за европски прашања и на  службениците во националните совети за евроинтеграција на парламентите на земјите од  Западен Балкан. 

Според неа ваквиот тип на работилници се одличен начин на едно место да се разменат искуства и практики за евроинтегративните процеси, но и можност  да се слушнат експерти од земји кои веќе се членки на Унијата, како што е тоа  Хрватска, која, исто така, е дел од  Западниот Балкан.

„Се надевам дека ќе имате успешна работа и дека овој семинар ќе ви биде повод и претходница за воспоставување на парламентарна мрежа за ЕУ прашања во регионот, преку повеќегодишен проект, во организација на ГИЗ“, им порача генералната секретарка Иванова на учесниците на работилницата.

Click