Активности

Среда, 26 јуни 2019 година

Зголемување на родовата сензитивност во Собранијата и подобрување на позицијата на жените

Со благодарност за поддршката на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ-ОДИХР, Австриската развојна агенција, како и учеството на околу триесетина претставнички од земјите на регионот, претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, денеска ја отвори Регионална конференција на жени парламентарки, во соработка со ОБСЕ мисијата во Скопје.

Дводневната конференција е на тема: Родово-сензитивен парламент: Од законодавство до јавно финансирање за родова еднаквост, а се одржува денеска и утре во Македонското собрание.

Во своето воведно обраќање, потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Фросина Ташевска-Ременски, посочи дека рамноправното учество на жените и мажите во политичкиот и јавниот живот е пропишано со меѓународните и домашни стандарди, кои треба да бидат применети во сите демократски општества, а за тоа е потребно да се создадат културни и општествени услови, но пред сѐ тоа е резултат на политичката волја на главните политички фактори во земјата. 

На светската листа на Интерпарламентарната унија, со 38,3 %, вклученост на жените во политиката, Република Северна Македонија се рангира на 21. место, а шеста земја во Европа. Но, и понатаму останува заложбата за постигнување на милениумската цел 50:50. Инаку, во овој пратенички мандат има една потпретседателка на Собранието, седум претседателки и девет заменик-претседателки на Комисии. 

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, посочи дека целта на ова Конференција е да се зголеми родовата сензитивност во Собранијата и подобрување на позицијата на жените. Пратеничките се тие кои се одговорни за унапредување и заштита на правата на жените и обезбедување на нивен просперитет во општеството.

Претседателката Касапи се осврна и на формирањето на Клубот на пратенички, улогата и целта со законски одлуки да се постигне родовата еднаквост, а во тесна соработка со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, невладиниот сектор и други релевантни институции во и надвор од земјата, кои ни даваат финансиска и морална поддршка.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Даниела Рангелова, истакна дека родовата рамноправност е во фокус на Комисијата и таа е показател за развој на едно општество. Забележа дека жените се вклучени во политиката, но помалку во носење одлуки и креирање политики, мал е бројот на учество на жените во локалната самоуправа и извршната власт.

Генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, потенцираше дека регионалниот собир е важна работа, бидејќи парламентарките делат исти проблеми од земјите од кои доаѓаат и затоа е битно да седнат на едно место и разменат искуства и мислења, со цел понатамошна примена на истите.
Иванова истакна дека имаме родово сензитивен парламент, родово сензитивно раководство, но потребно ни е и родово сензитивно буџетирање, кое треба да биде вметнато во идните стратегии. Исто така, ја истакна и важноста на родовата сензитивноста во политичките партии, без која нема родово сензитивен парламент.

Првата сесија на Конференцијата почна со Родово сензитивни собранија: Меѓународните стандарди и добри практики, каде свое излагање имаше и Тина Кукама-Ба, шефица на Одделот за демократско владеење, Канцеларија за демократски институции и човекови права на ОБСЕ-ОДИХР. 

Таа потенцираше дека Собранијата се огледала на нашето општество, одговор на нашата секојдневност, а современи собранија се оние каде граѓаните се препознаваат и ги наоѓаат своите одговори.

Во продолжение на Првата сесија, родово сензитивните собранија ќе споделат и искуства и добри практики од регионот. 

Предвидена е и Работилница со дискусија: Што е родово сензитивна законска регулатива и што се случува без истата? Родово сензитивна законска регулатива во пракса. На крајот од денот, исто така, ќе бидат споделени и искуства и можности за регионална соработка.

Во текот на утрешниот ден се очекува парламентарките да разменат добри практики од регионот и пошироко за јавното финанасирање за родова еднаквост. Ќе следат и презентација и дискусија за клучните наоди и препораки од Истражување предводено од ОБСЕ за насилство врз жените во Југоисточна Европа. 

Конференцијата ќе финализира со можностите за регионална соработка, идни чекори и завршни обраќања.

Click