Hidden render

Четврток, 21 март 2019 година

ОДРЖАНА РАБОТИЛНИЦА СО НАДВОРЕШНИТЕ СОРАБОТНИЦИ НА ПРАТЕНИЧКИТЕ ГРУПИ ВО СОБРАНИЕТО

Во организација на Парламентарниот институт при Собранието на Република Северна Македонија, а подржано од Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија и Националниот демократски институт (НДИ) за Република Северна Македонија, во Кавадарци се спроведе Работилница за надворешните соработници на пратеничките групи на тема: „Зајакнување на административните капацитети во насока на јакнење на законодавната функција на Собранието: постапка за донесување закони, номотехнички правила на изработка на прописи, постапка за донесување буџет и усогласување на домашното со ЕУ законодавството“.

На работилницата присуствуваа заменикот на генералниот секретар на Собранието, Мики Милковски, заменик-директорот на НДИ, Роберт Скот Хејзлет, раководителот на посебната организациона единица Парламентарен институт при Собранието, Златко Атанасов, надворешни соработници од сите пратенички групи во Собранието и вработени во службата. 

Учесниците имаа можност да добијат информации за деловничките постапки и праксата за редовната, скратената и итната постапка за донесување закони, потоа номотехничките правила на изработка на прописи, работата на електронските системи (Е-парламент, RMS – систем за управување со барање за анализи, Е-библиотека и Е-архива), постапката за донесување буџет, усогласувањето на домашното со европското законодавството, како и нивните технички и ИКТ потреби за обезбедување на ефикасна помош на пратениците.

Надворешните соработници на пратениците се ангажирани согласно член 9 од Законот за Собранието и нивната улога е да му обезбедат стручна, административна и техничка помош на пратениците.

Ваквиот тип на работилници се организираат во функција на исполнување на Стратешкиот план на Собранието 2019 - 2021 во приоритетот за обезбедување напредни и ефикасни услуги за пратениците.

Click