Собраниско раководство

Понеделник, 2 јуни 2014 година 

Претседателот Вељаноски го прими новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, г. Чарлс Гарет

Посакувајќи му добредојде, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, искажа задоволство од средбата и му посака успех во работата на новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Н.Е. Чарлс Едмунд Гарет.

Претседателот Вељаноски се осврна на остварените проекти во соработка со претходните амбасадори на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија за јакнење на целокупните капацитети на Собранието на Република Македонија, реализирани преку Фондацијата Вестминстер и искажа подготвеност за одржување и продлабочување на соработката во сите сфери на заеднички интерес.

Дополнително, претседателот Вељаноски го информираше амбасадорот за спроведените предвремени парламентарни избори, кои беа позитивно оценети, како и за плановите за работа на Собранието во наредниот период.

Амбасадорот Гарет, искажувајќи благодарност за средбата, ја подвлече неговата лична подготвеност и подготвеноста на Амбасадата на Велика Британија и Северна Ирска за поддршка на Собранието на Република Македонија при соочување со сите предизвици кои ги носи секојдневното функционирање на Собранието, како и унапредување и продолжување на соработката.

Двајцата соговорници се согласија дека поддршката од амбасадорите на пријателските земји кои се одблизу запознаени со актуелните состојби се голема придобивка за Собранието, но и придобивка за Република Македонија.

Click